Дури и рускиот претседател Владиммир Путин се чини дека е задоволен со приклучувањето на Украина кон ЕУ. Но, проблемот не е Русија – туку Унгарија, пишува Еуроактив.
Токму затоа кружат шепотења за радикално заобиколување на ветото на Будимпешта, кое ги замрзна аспирациите за членство на Украина и нанесе колатерална штета на паралелната кандидатура на Молдавија пред острите избори, наведува бриселскиот медиум.
Околу десетина земји сакаат да ги променат правилата на ЕУ, така што само пондерирано мнозинство – не целиот состав од 27 држави – ќе биде потребно, за да се отвори нов круг преговори за пристапување, токму таа фаза што ги блокира Киев и Кишињев. Едногласноста би останала неопходна на почетокот и на крајот од процесот, но не и за сите безбројни средни чекори.
– Ни треба многу почист процес… со помалку можности земјите да стават вето. Не можеме само да гледаме на другата страна. Треба да го зголемиме притисокот – рече Џесика Розенкранц, шведска министерка за прашања на ЕУ.
Таа ја покрена идејата на состанок, забележувајќи дека тоа би можело да се однесува и на санкциите кон Русија, што друга област каде што Унгарија цврсто се противи.
Розенкранц не е сама. Министрите за надворешни работи од Германија, Италија, Словенија и од Австрија неодамна ја повикаа комесарката за проширување Марта Кос да го „поедностави и рационализира“ процесот за раст на клубот, предупредувајќи дека „кредибилитетот“ на ЕУ е во прашање.
Сигитас Миткус, заменик-министер за надворешни работи на Литванија, повтори: „Ние навистина сме за флексибилност во процесот на проширување“.
Не станува збор само за Унгарија. Бугарија со години ја фрустрира кандидатурата на Македонија.
– Мора да најдеме решение за билатерализацијата, за да ја спречиме пенетрацијата на руските интереси во Западен Балкан – рече Орхан Муртезани, министер за европски прашања на Северна Македонија, пишува Еуроактив.