Иранскиот гигант Естегал од Техеран вечерва ќе го пречека саудискиот Ал Наср во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите во Азија, но главната тема пред мечот не е самиот дуел – туку отсуството на Кристијано Роналдо.
Португалската суперѕвезда, која е водечка фигура во редовите на Ал Наср, не отпатува со тимот во Иран, што веднаш поттикна шпекулации.
Според официјалните информации, одлуката е поврзана со договор со тренерот Стефано Пиоли, но медиумите се присетија на контроверзните случувања во минатото.
Во 2023 година, Роналдо предизвика дипломатски инцидент при посетата на Иран, кога во челото ја бакна уметничката Фатемех Хамами – жена со инвалидитет која слика со нозете. Во земја каде што од 1979 година на власт се верски фундаменталисти, строгите закони го забрануваат физичкиот контакт меѓу мажи и жени на јавно место. Поради тоа, Роналдо доби парична казна, а се појавија и шпекулации дека бил осуден на 100 удари со камшик – иако оваа казна не беше спроведена.
Раководството на Естегал дало гаранции дека безбедноста на Роналдо е загарантирана, но Португалецот на крајот одлучил да не патува. Ова значи дека Ал Наср ќе мора да се соочи со предизвикот во Техеран без својот најголем адут, што дополнително ја прави средбата уште понеизвесна.