Над 100 лица се убиени во израелски напади врз Газа во изминатите 24 часа, додека напад врз пункт за хуманитарна помош и прекин на телекомуникациите ја продлабочија кризата во веќе уништената палестинска територија, јавува ДПА.
Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека се убиени 103 лица, а повредени се 427. Бројките не прецизираат колку од нив се цивили, а колку борци.
Од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, која започна со напад на Хамас врз јужен Израел – во кој загинаа околу 1.200 лица и беа киднапирани над 250, во Газа, според истото министерство – се убиени повеќе од 55.200 луѓе, а над 127.800 се повредени.
Палестинските извори обвинија дека израелската армија отворила оган кај пунктови за помош, додека фондацијата GHF, поддржана од Израел и од САД, објави дека Хамас извршил смртоносен напад врз нејзини вработени.
Најмалку 13 луѓе се убиени на пункт за помош во централна Газа
Палестинската новинска агенција ВАФА јави за најмалку 13 убиени и околу 200 повредени на пункт за помош во коридорот Нетзарим во централна Газа. Хамас потврди 10 мртви и над 120 повредени. Дополнително, ВАФА јави за петмина загинати во областа Суданија каде што луѓе чекале храна.
Израелската армија не се огласи за овие инциденти.
Хуманитарната фондација за Газа (GHF), поддржана од Израел и САД, започна со дистрибуција на помош минатиот месец по речиси тримесечна израелска блокада.
Иницијативата има цел да го спречи Хамас да ја пренасочи помошта, според израелските власти. Сепак, операцијата предизвика критики од ОН и од хуманитарните организации, кои наведуваат загриженост за безбедноста и за пристапот.
GHF соопшти дека во синоќешниот напад на Хамас врз еден од нејзините автобуси за вработени загинаа 8 Палестинци, а неколку други беа повредени. Тимот бил на пат кон дистрибутивен центар западно од Кан Јунис во јужна Газа.
Фондацијата изјави дека некои вработени можеби се земени како заложници и дека сè уште собира информации.
„Тоа беа хуманитарци. Татковци, браќа, синови, пријатели“ соопшти организацијата и побара од меѓународната заедница да го повика Хамас на одговорност.
Според ВАФА, од 27 мај досега се убиени 224 лица, а над 1.850 се повредени кај пунктови за дистрибуција на помош.
„Пунктовите станаа стапици за масовни убиства“, наведува агенцијата.
Уништена е последната оптичка мрежа во Газа
Денеска, палестинската телекомуникациска власт соопшти дека последната оптичка мрежа во Газа е уништена во напад, со што се прекинати сите интернет и телефонски врски.
ВАФА предупреди на тешки хуманитарни последици и побара итна санација на мрежата.
Израел веќе 20 месеци спроведува воена кампања во Газа со цел елиминација на Хамас и ослободување на заложниците. Новата копнена офанзива почна пред речиси 1 месец. Меѓународната критика, вклучително и од сојузниците на Израел, расте поради бројот на цивилни жртви и поради хуманитарната катастрофа.
Израел депортираше уште шестмина активисти од бродот со хуманитарна помош
Израелските власти депортираа уште шестмина активисти од бродот што се обиде да достави хуманитарна помош во Појасот Газа, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Меѓу депортираните е и француската пратеничка во Европскиот парламент, Рима Хасан. Министерството на социјалната мрежа Икс објави фотографии од дел од активистите во авион, со коментар: „Уште 6 патници од ‘селфи јахтата’, вклучително и Рима Хасан, го напуштаат Израел. Чао – не заборавајте да направите селфи пред да заминете“.
Организацијата за човекови права „Адала“ потврди дека меѓу депортираните се и Германката Јасемин Аџар и Хасан. Претходно, беа депортирани уште четворица активисти од бродот, вклучително и шведската активистка Грета Тунберг. Преостанатите лица на бродот првично одбивале да потпишат документи за депортација.
На бродот „Мадлин“, кој пловеше како дел од иницијативата на коалицијата „Флотила на слободата“, се наоѓаа вкупно 12 активисти. Бродот превезувал хуманитарна помош за Палестинците и имал цел да изврши притисок за прекин на израелската воена кампања во Газа.
Израелската морнарица го пресретна бродот во меѓународни води, околу 200 километри од брегот. Армијата ја оправда интервенцијата со поморската блокада на Газа, која е во сила од 2007 година. Бродот беше одведен во израелското пристаниште Ашдод во понеделникот навечер.