Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп пренасочила 20.000 противдронски ракети „фитили“ наменети за Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Еј-Би-Си. Ракетите биле пренасочени за Блискиот Исток по наредба на министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет.
– Имаме големи проблеми со „Шахедите“… ќе ги најдеме сите алатки за да ги уништиме. Сметавме на овој проект, 20.000 ракети. Противдронски ракети. Не беше скапо, но е посебна технологија – објасни украинскиот претседател.
Тој истакна дека планот бил договорен со поранешниот американски министер за одбрана Лојд Остин и бил лансиран под администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Според „Волстрит Џурнал“, Пентагон наводно го информирал Конгресот во класифицирана порака дека сегашниот министер за одбрана Пит Хегсет смета дека прераспределбата на фитилите за напредниот систем е „итно прашање“. Весникот пишува дека „фитилите“ заедно со друга муниција биле пренасочени на 4 јуни.
На 1 јуни, Русија лансираше 472 дронови за една ноќ, што е рекорд.
Извор од украинската воена разузнавачка служба изјавил за „Киев Индепендент“ дека Русија се подготвува да лансира повеќе од 500 беспилотни летала со долг дострел преку ноќ во идните напади, бидејќи Москва брзо го зголемува производството на беспилотни летала и гради нови места за лансирање.
Трамп постојано изразуваше скептицизам во врска со продолжувањето на помошта за Киев и привремено ги суспендираше воените испораки претходно оваа година. Тој ги продолжи дури откако Украина се согласи на привремен прекин на огнот за време на мировните преговори во Џеда на 11 март.