Дојавите за поставени бомби во училиштата се хибридни напади, кои и понатаму ќе се случуваат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, во врска со заканувачките пораки во повеќе основни училишта во неколку градови.
– Постојано сум во контакт со министерот за внатрешни работи, сите се лажни дојави. Постапено е според протоколот – рече Мицкоски.
Тој рече дека ваков тип на напади имаше пред некој ден и во Хрватска, а претходно во институциите во Унгарија.
– Претпоставувам дека ова ќе биде континуитет кај нас. Се креира еден протокол за постапување, веќе работната група се состанува и работи на протоколот. До крајот на денот ќе стигнат препораките до директорите на училиштата и до припадниците на МВР што треба да се направи, за да имаме непречено одвивање на наставата – рече премиерот Мицкоски.