Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи (86), е сè поизолиран во неговиот круг на моќ додека неговиот син Моџтаба тивко ја презема контролата преку силни врски со Револуционерната гарда, анализира Ројтерс.
Во последниве 20 години, како свештеник од среден ранг, Моџтаба изгради мрежа што ги спојува фракциите, а особено го засили влијанието преку Револуционерната гарда, елитната сила на режимот, се вели во текстот.
Израелските воздушни напади силно го разнишаа внатрешниот круг на Хамнеи, убивајќи врвни команданти и советници. Меѓу нив се Хосеин Салами – врховен командант на Револуционерната гарда на Иран, Амир Али Хаџизаде – командант на воздухопловните сили на гардата, раководител на балистичката програма и Мохамед Каземи – началник на разузнавачкиот оддел на гардата.
Пет соговорници запознаени со процесот на одлучување на ајатолахот предупредуваат дека ова создава ризик од „исклучително опасни“ стратешки грешки. Најмалку тројца од неименуваните соговорници учествувале на состаноци со Хамнеи за важни прашања.
Околу него останува група од 15–20 доверливи личности, војници, свештеници и политичари, кои се повикуваат на потреба во комплексот во Техеран, и сите се непоколебливо лојални и идеолошки приврзани.
Али Хамнеи, затворен пред Исламската револуција и ранет во напад во 1981, стана врховен лидер во 1989 и сè уште командува со армијата, има право да објави војна и именува високи функционери. Владее преку внимателна пресметка на секој потег, воден од еден императив – опстанок на режимот, секогаш балансирајќи меѓу трошоци и придобивки.
Револуционерната гарда на Иран и милицијата Басиџ беа главниот инструмент за задушување протести во 1999, 2009 и во 2022 година. Иако властите успеаја да ја задржат контролата, економската криза и санкциите до Западот сè повеќе ја поткопуваат долгорочната стабилност. Граѓаните на Иран стануваа незадоволни низ годините.
Конфиктот тлее. Израел и Иран во само неколку денови си разменија неколку големи напади. Израел тврди дека погодил третина од ракетните лансери на Иран. Техеран од друга страна, се пофали дека го погоди седиштето на израелското разузнавање Мосад во Тел Авив. И двете страни известија за цивилни жртви.
Иран е под притисок да го прифати нуклеарниот договор понуден од САД додека светот го исчекува следниот чекор на американскиот претседател Доналд Трамп кој рече дека за траен мир потребно е Иран да го прифати понуденото од САД.
Сепак, и покрај ударот од Израел и хаосот на војната, соговорниците на Ројтерс велат дека во кругот на Хамнеи остануваат други влијателни советници кои продолжуваат да ја обликуваат политичката, економската и дипломатската стратегија на Иран.