За повеќе од четири пати е зголемен бројот на кривични пријави што Царинската управа, преку Секторот за контрола и истраги, ги поднела до Основното јавно обвинителство и до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Од почетокот на годинава досега се поднесени 35 кривични пријави против 69 физички и 16 правни лица, додека во истиот период лани биле поднесени само осум, изјави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Во интервју за централниот дневник на МРТ, Николовски потенцира дека во изминатите два месеци биле регистрирани 74 случаи на заплени при откриени прекршочни и кривични дела. Ова, според него, претставува раст од 64 проценти во однос на истиот период минатата година, кога биле поднесени 45 кривични пријави.
Во последните десет дена, преку Секторот за контрола и истраги, поднесени се осум кривични пријави против осум физички и две правни лица за сторено кривично дело фалсификување исправи, согласно член 378 од Кривичниот законик.
– Станува збор за фалсификувани исправи со цел избегнување плаќање давачки во висина од 250 илјади денари, кои веќе се наплатени преку управна постапка. Дополнително, поднесена е кривична пријава за фалсификувана лиценца за вршење превоз на стока во меѓународен патен сообраќај од надлежна институција. Ова е трета кривична пријава за вакво дело во рок од неполни две недели – истакна Николовски.
Во вторникот вечерта, на граничниот премин Богородица, спречен е обид за шверц на 18 килограми сребрен накит и 180 парчиња парфеми-фалсификати со вкупна вредност од 1,18 милиони денари. За случајот веќе има кривична пријава и изречена пресуда од ОЈО Гевгелија против сторителот, кој е косовски државјанин.
– За неполни два месеци имаме 74 случаи на заплени, додека лани имаше само 45. Пред извесно време запленивме 188,6 килограми наркотична дрога – марихуана. Ова се резултати кои покажуваат засилена контрола и посветеност во спречување на нелегалните активности – нагласи Николовски.
Одговарајќи на прашањето што се поминува низ македонските граници, директорот на Царинската управа посочи дека минатата година вкупната надворешно-трговска размена изнесувала 18,8 милијарди евра.
– Овој податок јасно покажува со колкав обем на работа се соочуваат царинските службеници и колку е важно да се зачува интегритетот на границите – додаде Николовски.