Во време кога се кршат копјата околу апликации, алгоритми и економска доминација, американскиот претседател Доналд Трамп одбил да ја потпише одобрената воена помош од над 400 милиони долари за Тајван, јави „Вашингтон пост“ повикувајќи се на пет извори од американската администрација.
Шефот на САД одбил да одобри испорака на беспилотни летала и муниција за Тајван додека се обидува да постигне трговски договор и лична средба со кинескиот лидер Си Џинпинг, потврди извор упатен во ситуацијата.
Овој потег го означува првиот јасен сигнал дека Трамп ја менува американската позиција кон Тајван, островот кој Кина го смета за своја територија. Иако помошта била веќе одобрена од Пентагон, Белата куќа ја стопирала доставата, надевајќи се дека овој гест ќе придонесе кон политички „ледолом“ меѓу двете сили.
„Конечната одлука сè уште не е донесена“, соопшти Белата куќа во дописот до весникот.
Телефонски разговор меѓу Трамп и Си Џинпинг е закажан за денеска, 19 септември, по тримесечна пауза во комуникацијата. На маса ќе бидат и прашањата околу Тик-Ток – апликација под кинеска контрола која САД сакаат да ја стави под домашна регулатива – но и клучни трговски теми.
Но, Кина досега не потврдила дали лидерот ќе се вклучи во разговорот.
Контактите меѓу Вашингтон и Пекинг се вжештуваат, особено пред можниот самит кон крајот на октомври во Јужна Кореја, во рамките на АПЕК форумот. Највисоките американски дипломати веќе неколку недели тивко преговараат со кинеските пратеници за модалитетите на лична средба меѓу двајцата лидери.
Контроверзната одлука доаѓа откако Трамп ја реафирмираше својата „трансакциска“ надворешна политика – наместо автоматска поддршка за сојузниците, се нуди „оружје за продажба“, не за подарок. Тајван мора сам да купува, дури и кога Пентагон има одобрено средства за помош.
Во исто време, трговските тензии меѓу двете сили продолжуваат. Иако администрацијата се надева дека ќе ја релаксира ситуацијата преку договор за Тик-Ток, паралелно се водат и битки за технолошка доминација.
Кина неодамна отвори антимонополска истрага против американски чип-фирми, додека САД воведоа нови извозни рестрикции.