Трет обид: Италијански брод со 49 баратели на азил пристигна во Албанија
И покрај претходните порази на суд, Италија донесе нова група мигранти во Албанија. По неколкудневно пловење, 49 баратели на азил пристигнаа во албанското пристаниште Шенѓин со брод на италијанската морнарица, јавуваат странските новински агенции.
Денешниот трансфер е прв по пауза од неколку месеци. На бродот имало претежно државјани на Бангладеш, Египет, Брегот на Слоновата Коска и Гамбија. Станува збор за земји кои се на италијанската листа на безбедни земји, што значи дека апликантите имаат мали шанси да добијат азил, пренесува австриската новинска агенција АПА.
Рим и Тирана постигнаа договор во ноември 2023 година за отворање на два италијански центри за притвор во северна Албанија, каде што ќе ги обработуваат барањата на барателите на азил спасени на море. Центрите почнаа со работа во октомври минатата година. Набргу потоа италијанското правосудство го спречи сместувањето на првата група мигранти, сметајќи дека нивните земји од потекло се небезбедни и затоа морале да бидат превезени во Италија.
Како одговор, владата ја ажурираше листата на безбедни земји, но судството сепак спречи нов обид за преселување мигранти во Албанија. Судот во Рим одлучи да го предаде случајот до Судот на правдата на ЕУ.
Ова трето преместување се случи, иако правните прашања поврзани со планот се уште не се решени. Според пишувањата на италијанските медиуми, сослушувањето во Судот на правдата на ЕУ е закажано за февруари.
Италија од почетокот на годината бележи зголемен број пристигнувања на мигранти. Според МВР, повеќе од 3.000 пристигнале во Италија, што е за 136 отсто повеќе од истиот период лани. Сепак, тие забележаа пад на бројот на мигранти во 2024 година во однос на 2023 година, за околу 60 проценти