Треба да се направи анализа дали одземањето на телефоните од учениците за време на часовите дава резултати, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
– Согласна сум дека кога кај учениците нема мобилни телефони повеќе ќе се фокусираат на знаењето. Училиштата се под ингеренции на општините и општините заедно со менаџерите на училиштата заеднички ја носат таа одлука – рече Јаневска.
Сепак, додаде таа, употребата на такви уреди може и да е потреба за време на наставата, а за тоа треба да одлучи наставникот.
– Секако, во ова денешно време може да има и потреба од употреба на такви уреди и при наставата. Па, оттука, наставникот, кој е носител на образовната дејност во училницата, ќе одлучи дали децата во тој момент ќе ги користат или нема да ги користат телефоните – додаде Јаневска.
Општините Аеродром и Центар воведоа забрани за употреба на мобилни телефони за време на наставата. Од Аеродром образложија дека целта е заштита на децата од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи.