Американските царини за поголемиот дел од увозното железо и алуминиум денеска ќе се удвојат, на денот кога претседателот Доналд Трамп очекува од трговските партнери да ги дадат своите „најдобри понуди“ за да избегнат воведување царини за останатата стока на почетокот на јули.
Трамп доцна синоќа потпиша уредба со која денеска стапува во сила ненадејната најава од минатата недела дека царините за железо и алуминиум, воведени во март, ќе се зголемат од 25 на 50%.
– Почнавме со 25, а кога подобро ги проучивме податоците, сфативме дека тоа многу помогна, но треба да се направи повеќе. И затоа почнува 50% – изјави советникот за економија на Белата куќа, Кевин Хасет.
Зголемувањето се применува за сите трговски партнери освен Велика Британија, единствената држава која досега склучила привремен трговски договор со САД. Царинската стапка за увоз на железо и алуминиум од Британија, која не е голем извозник на метали во САД, ќе остане 25% најмалку до 9 јули.
Околу една четвртина од железото што се користи во САД е увезено, а податоците од заводот за статистика покажуваат дека повисоките царини особено ќе ги погодат најблиските американски трговски партнери – Канада и Мексико. Канада е прв, а Мексико трет извозник на железо во САД.
Канада е уште повеќе изложена на царини за алуминиум, бидејќи е убедливо најголем извозник на тој метал во САД – двојно повеќе од другите десет водечки извозници заедно. Речиси половина од алуминиумот во САД доаѓа од странски извори.
Кабинетот на канадскиот премиер Марк Карни соопшти дека се „вклучени во интензивни преговори за да се отстранат тие и други царини“.