Америка треба да истражи зошто порано не се знаеше за ракот на простата на поранешниот претседател Џо Бајден, изјави актулениот претседател Доналд Трамп на прес-конференција. Трамп рече дека е „изненаден“ што ова не било објавено порано и дека „не се стигнува до деветта фаза на рак преку ноќ“.
– Мислам дека луѓето треба да се обидат да откријат што се случило. Ќе ви кажам нешто и не знам дали ова има врска со болницата. Волтер Рид е одлична. Има едни од најдобрите лекари што сум ги видел. Но, некој не ги кажува фактите – рече Трамп.
Според него, изјавите за здравјето на Бајден „не се покажале како точни“.
– Тоа е многу опасно – додаде тој.
Тимот на Бајден во неделата, 18 мај, објави дека поранешниот претседател бил прегледан поради новооткриен јазол на простата и зголемени уринарни симптоми.
„Во петокот, му дијагностицираа рак на простата со Глисонов скор 9, петта група. Има метастази на коските“, се вели во соопштението.
Тимот уверува дека болеста е хормонски чувствителна и дека може ефикасно да се лекува.
„Претседателот и семејството ги разгледуваат опциите со неговите лекари“, додаваат од кабинетот на Бајден.
Коментирајќи ја состојбата на Бајден, Трамп рече дека неодамна направил целосен преглед.
– Имавме лекари и во Белата куќа и во Волтер Рид. Направив и когнитивни тестови – рече Трамп.
Тој повторно го спомена когнитивниот пад на Бајден.
– Секој што се кандидира за претседател треба да направи когнитивен тест. Велат дека тоа е неуставно. Но, мислам дека во овој случај не би било толку лошо – додаде републиканецот.
Според него, некој би требало да разговара со лекарот на Бајден.
– Зошто не се зборуваше за когнитивната способност? Зошто тоа беше игнорирано? – праша Трамп.
На крај, тој рече дека ситуацијата е „многу, многу тажна“ и додаде:
– Ми е жал за тоа. Се надевам дека ќе има одговори.