Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „не е ангел“ и предложи дека и Зеленски, заедно со рускиот претседател Владимир Путин ја дели вината за почетокот на руско-украинската војна, пренесува „Њузвик“.
Во своето прво интервју по враќањето во Белата куќа, Трамп го критикуваше Зеленски, велејќи дека Зеленски „не требаше да дозволи оваа војна да се случи“.
– Зеленски се бореше против многу поголем ентитет, многу поголем, многу помоќен. Тој не требаше да го направи тоа, бидејќи можевме да се договориме – изјави Трамп за „Фокс њуз“.
Критиките на Трамп кон Зеленски и кон Путин во интервјуто ризикуваат да му отежнат да помогне во постигнувањето мировен договор меѓу Украина и Русија. Тоа, исто така, означува голема промена во тонот од администрацијата на Џо Бајден, која понуди значителна финансиска и воена поддршка за воените напори на Украина.
Во своето интервју, Трамп го критикуваше Зеленски дека сака да води војна и покрај огромните воени недостатоци во споредба со Русија.
– Прво, тој се бори со многу поголем ентитет. Почнавме да истураме (воена) опрема… и тие (Украинците) имааа храброст да ја искористат опремата, но на крајот, тоа е војна што треба да се реши – рече Трамп.
Но, тој додаде дека на Зеленски сега „му е доста“ и дека „сака решение“ за да обезбеди мир.
Трамп, исто така, го обвини Путин за војната, тврдејќи дека Русија изгубила околу 850.000 војници.
– Путин не требаше да го стори тоа… и мора да престане – рече тој.
Тој предупреди дека САД ќе воведат „масивни царини и огромни даноци“ за Русија доколку Путин наскоро не се согласи на мировен договор.
Критиките на Трамп за Путин беа изненадување за јавноста. Путин во една прилика го пофали Трамп како храбар лидер и му честиташе на инаугурирањето за претседател во Белата куќа.
И двајцата лидери изразија спремност наскоро да се сретнат за да разговараат за крај на војната.
Во четвртокот Трамп на својата социјална мрежа „Вистина“ за Путин напиша:
„Не сакам да ја повредам Русија. Го сакам рускиот народ и отсекогаш имав многу добри односи со претседателот Путин – и тоа и покрај измамата на радикалната левица. Никогаш не смееме да заборавиме дека Русија ни помогна да победиме во Втората светска војна, губејќи речиси 60.000.000 животи во тој процес. Имајќи го предвид сето ова, ќе им направам на Русија, чија економија пропаѓа, и на претседателот Путин, многу голема услуга. Ако не склучи „договор“ и наскоро, немам друг избор освен да ставам високи даноци, тарифи и санкции за сè што Русија им продава на САД и на разни други земји. Ајде да ја завршиме оваа војна, која никогаш немаше да започне ако бев претседател! Можеме да го направиме тоа на лесен начин или на потешкиот начин – а лесниот начин е секогаш подобар. Договорете се. Не смеат да се изгубат уште човечки животи!“