Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика земјите кои не учествувале во нападите врз Иран „сами да си ја земат нафтата“ од Ормускиот теснец, обвинувајќи ги дека не покажале доволна поддршка во конфликтот.
Во објава на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп посочи дека државите кои имаат проблеми со снабдувањето со гориво треба да купуваат американска нафта и самостојно да обезбедат пристап до транспортните рути.
Тој особено ги издвои Обединетото Кралство и Франција, оценувајќи дека не придонеле доволно за време на едномесечниот конфликт, кој ги потресе глобалните пазари и ги зголеми цените на енергијата. Според него, блокирањето на сообраќајот на танкери во Ормуската теснец довело до проблеми со снабдувањето со гориво во повеќе земји.
„Сите оние земји што не можат да добијат гориво поради Ормускиот теснец– купете од САД, имаме доволно, и соберете храброст, одете во теснецот и сами земете“, напиша Трамп, додавајќи дека САД повеќе нема автоматски да им помагаат на сојузниците кои не покажале поддршка.
Американскиот претседател ја критикуваше и Франција, тврдејќи дека не дозволила авиони со воена опрема за Израел да летаат над нејзина територија. Изјавите доаѓаат во момент на зголемени тензии во регионот и нарушено снабдување со нафта преку една од најважните светски енергетски рути.



