Претседателот на САД, Доналд Трамп, го сметал изненадниот украински напад со дронови изминатиот викенд за „моќен“ и „брутален“, велат извори, кои разговарале со него за тоа, за Аксиос, но, исто така, изразил загриженост дека тоа ќе ја отежне неговата мисија за примирје.
Прецизно испланираната операција врз најстратешките руски воздушни бази – спроведена од далечина, од илјадници километри – сугерира дека Украина има повеќе „карти“ отколку што Трамп ѝ припишувал, но истовремено директно го предизвикува рускиот претседател Владимир Путин да возврати со ескалација.
Трамп во средата изјави дека Путин му рекол дека ќе возврати.
– Разговорот беше добар, но не и разговор што ќе доведе до непосреден мир – рече Трамп за нивниот телефонски повик.
Во јавност Трамп е невообичаено воздржан во однос на сопствените чувства за украинскиот напад. Но, во приватни кругови, бил фасциниран од операцијата.
– Доста силно – наводно му рекол Трамп на еден доверлив извор, кој ги пренел тие зборови на Аксиос.
„Сметаше дека е брутално добро“, вели втор извор за реакцијата на Трамп.
– Гледано на меѓународен план, имате чивава што прави вистинска штета на многу поголемо куче – изјавил советник на Трамп.
Од другата страна на приказната, Трамп, исто така, им кажал на луѓето со кои се сретнал изминативе денови дека нападот со дронови најверојатно ќе го натера Путин да возврати многу сериозно, според друг извор.
Трамп е загрижен дека сценариото ќе ја поткопа неговата дипломатска иницијатива, која доведе до први директни разговори меѓу двете страни по три години, додава изворот.
– Сакаме оваа војна да заврши. Сакаме да се деескалира. Така што ако Путин полуди
, да, претседателот има загриженост – рекол друг извор кој разговарал со Трамп.
Путин во средата, за време на состанок кој беше пренесуван и на руската и на украинската телевизија, изјави дека нападите ги доведуваат во прашање сите разговори за примирје или средба на лидерско ниво со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Проверка на реалноста:
Последните разговори не покажаа знаци на пробив, а Зеленски истакна дека Путин одбивал примирје уште многу пред нападот.