Два руски проектили го погодија во неделата центарот на украинскиот град Суми, при што загинаа 34 лица, а беа повредени 117. Ова е најсмртоносниот руски напад оваа година.
По нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара строг меѓународен одговор против Москва.
Лидерите на Германија, Велика Британија и Италија го осудија нападот, а американскиот претседател Доналд Трамп рече дека нападот е страшен.
-Ми рекоа дека е грешка. Но, мислам дека тоа е страшна работа- откри тој.
Лицата кои загинаа биле во автомобили, јавен превоз и станбени згради во моментот на ударот, истакна украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко.
– Ова е намерно убиство на цивили на важен црковен ден – рече тој, потсетувајќи дека се празнуваше Цветници.
Русија негира дека целела цивили, но илјадници се убиени од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.
Марјана Безухла, украинска парламентарка позната по нејзините остри критики кон воените лидери, на апликацијата Телеграм објави дека нападот се случил поради протечените информации дека голем број украински војници ќе се соберат во областа Суми.
Безухла не даде никаков доказ за нејзиното тврдење, а жителот на Шуми Павриз Манхов рече дека не видел војници во областа.
-Живееме во центарот на градот. Таму нема воена база, нема војници – посочи тој.
Сепак, смртоносниот напад на Суми се случил во времето на доделувањето на наградите за украинските војници, објави Украинска правда, повикувајќи се на градоначалникот на Конотоп, Артем Семенихин и неколку други извори.
Церемонијата, наводно, ја организирал Володимир Арук, шеф на воената администрација на регионот Суми, со цел да им додели благодарници и медали на „херојските момчиња“ од 117-та бригада. Правда пишува дека војниците не се повредени бидејќи сите биле во засолништето во моментот на нападот.