Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека денес разговарал еден час и 15 минути со рускиот претседател Владимир Путин, кој му рекол дека Русија ќе одговори на неодамнешниот украински напад врз руските аеродроми.
„Беше добар разговор, но не и разговор што веднаш ќе доведе до мир“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“.
„Тукушто завршив телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Разговорот траеше околу еден час и 15 минути. Разговаравме за украинскиот напад врз руските авиони и разни други напади што се случуваат од двете страни. Беше добар разговор, но не и разговор што веднаш ќе доведе до мир“, напиша Трамп.
Американскиот претседател нагласи дека Путин му рекол многу цврсто дека Русија ќе мора да одговори на неодамнешниот напад врз аеродромите.
„Разговаравме и за Иран и дека времето истекува за Иран да донесе одлука за нуклеарно оружје, дека тоа мора брзо да го стори. Му реков на Путин дека Иран не може да има нуклеарно оружје и верувам дека се согласивме за тоа“, рече Трамп.
Според него, Путин му предложил да учествува во преговорите со Иран и дека можеби ќе може да помогне тие брзо да завршат.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, потврди дека Путин и Трамп разговарале денес, но не даде детали за разговорот.