Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека во наредните месеци ќе го замени актуелниот претседател на Федералните резерви (ФЕД), Џером Пауел, чиј мандат истекува во мај следната година.
– Имаме неспособен шеф на ФЕД, имаме лош тип во ФЕД, но тој ќе замине за неколку месеци. Ќе донесеме некој нов – изјави Трамп на вечера со деловни лидери во Токио, каде престојува во рамки на својата еднонеделна посета на Азија.
Тој посочи дека постои долга листа на потенцијални кандидати кои би можеле да го преземат водството на американската централна банка, нагласувајќи дека разгледува повеќе опции.
Во своите изјави Трамп го спомна и американскиот министер за финансии Скот Бесент, за кого рече дека „го смирува пазарот“, но истовремено потврди дека тој не сака да ја преземе функцијата во ФЕД.
– Но тој нема да ја прифати таа позиција. Сака да биде министер за финансии. Значи, всушност не го разгледуваме него – изјави Трамп.
Притиснат со новинарски прашања за потенцијалните наследници на Пауел, Трамп спомена неколку имиња.
– Размислувам за Марк, размислувам за Џејмисон – рече тој, мислејќи на државниот секретар Марко Рубио и трговскиот претставник Џејмисон Грир.
Еден ден претходно, додека патувал со претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, Трамп повторно ја коментирал можноста Бесент да биде назначен на чело на ФЕД, иако самиот министер изјавил дека нема такви амбиции.
Бесент, пак, потврди дека планира да му претстави листa на можни кандидати по Денот на благодарноста, во рамки на потрагата по наследник на Џером Пауел.



























