Милијардерот Илон Маск, во улога на шеф на Одделот за штедење, отпушта илјадници владини службеници во САД. Претседателот на САД, Доналд Трамп, соочен со зголемени критики за оваа политика, го повика Маск на претпазливост.
„Ние велиме ‘скалпел’ наместо ‘секира’“, објави Трамп на својата платформа Трут сошал.
Пораката на претседателот го претставува првиот чекор за зауздување на моќта што му е доделена на Маск, објави Франс 24.
Но, подоцна, директно прашан од новинарите дали „ДОГЕ и Маск се движат пребргу“, Трамп рече: „Не, мислам дека тие направија неверојатна работа“.
Иако Маск не е формален администратор на ДОГЕ, извршниот директор на „Спејс икс“ и на „Тесла“ сепак ги насочува операциите и дури присуствуваше на првиот состанок на владата во вториот мандат на Трамп.
Сепак, кампањата за намалување на трошоците се соочи со зголемен отпор на повеќе фронтови, вклучително и со судски пресуди и со одреден притисок од пратениците.
Десетици судски постапки се водат против овие отпуштања, а анкетите покажуваат дека мнозинството Американци се против намалувањето на државната администрација.
Зад затворени врати, Трамп отишол чекор понатаму со своите критики. Тој ги потврдил медиумските извештаи дека на владината седница нагласил дека министрите, а не Маск, имаат крајна одговорност за кадровските одлуки и за политиките во нивните служби. Маск би имал само советодавна улога.
Состанокот бил свикан откако шефовите на различни владини агенции поднеле жалби до Белата куќа за ригидниот пристап на Одделот за државна ефикасност (ДОГЕ). Канцеларијата за законодавни прашања на Белата куќа, пак, била преплавена со повици од незадоволни републикански конгресмени кои се соочиле со гневни реакции од своите гласачи.
На последователната прес-конференција, Трамп изјави дека сака министрите и шефовите на агенциите внимателно да разгледаат кои вработени се навистина потребни, објави Си-Ен-Ен.
– Не сакам масовни отпуштања кои би погодиле добри луѓе. Сакам членовите на кабинетот да ги задржат оние што работат квалитетно, а оние кои не си ја вршат работата, не се доверливи или не доаѓаат на работа, може да бидат отпуштени – истакна Трамп.
Тој додаде дека министрите и Маск ќе го следат процесот, но крајната одлука ќе ја имаат шефовите на службите – ако тие решат да кратат, Маск ќе ја финализира одлуката.