Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин само ако има разбирање за договор за решавање на конфликтот во Украина.
– Мора да знаеме дека ќе постигнеме договор. Нема да губам време. Секогаш сум имал одличен однос со Владимир Путин – изјави Трамп пред новинарите за време на патувањето во Азија.
Москва и Вашингтон претходно најавија средба меѓу Трамп и Путин во Будимпешта, но таа средба беше одложена на неодредено време.
Трамп се сретна со емирот на Катар Тамим бин Хамад ал-Тани и премиерот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани на пат кон Азија на важни трговски разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг.
– Она што го направивме е неверојатен мир на Блискиот Исток, а тие беа многу голем фактор во тоа – им рече Трамп за своите гости.
За време на средбата во американскиот претседателски авион, кој се полнеше со гориво во Катар на пат кон Малезија, Трамп рече дека Ел Тани е „еден од големите владетели на светот, не само на Блискиот Исток“, објави „Тајмс оф Израел“.
Во меѓувреме, администрацијата на САД подготви дополнителни санкции кон Русија што би можела да ги употреби за да ги таргетира клучните сектори на руската економија доколку Кремљ продолжи да го одложува завршувањето на војната во Украина.
Според извори во Белата куќа, американските функционери им кажале и на своите европски партнери дека ја поддржуваат употребата на замрзнатите руски средства за купување американско оружје за Украина, а Вашингтон започна внатрешни дискусии за користење на руските средства што се чуваат во САД за поддршка на воените напори на Украина, објави Ројтерс.



























