„Нели бевме успешни со нашиот погодок? Тоа ја заврши војната. Не сакам да ги користам примерите со Хирошима и Нагасаки (во Јапонија), но тоа во суштина беше истата работа која ја заврши војната. Ако не го направевме тоа сега, тие и натаму ќе војуваа“.
Вака изјави американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на НАТО во Хаг, велејќи дека Иран не ќе прифател примирје без нападите. Тој го спореди американскиот напад врз Иран од саботата, 21 јуни, со одлуката на САД да фрлат атомски бомби врз Јапонија на крајот на Втората светска војна.
САД во неделата ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки Фордо, Натанз и Исфахан со 13-тонски бункерски бомби кои пробиваат 18 метри бетон или 61 метар земја пред да експлодираат.
Соработникот на Трамп,американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, ги коментираше и наводите дека американските бомби не ја уништиле иранската нуклеарна програма, туку го одложиле нејзиното спроведување за само неколку месеци.
Хегсет смета дека изјавите на повеќе стручњаци се политички мотивирани.
Меѓу другото, Трамп денеска во Хаг ја потврди својата посветеност на Членот 5 од основачкиот договор на НАТО и ја поздрави најавата дека сојузниците ќе се обврзат да издвојуваат 5% од бруто домашниот производ (БДП) за одбрана.
– Години наназад барам од нив да зголемат на пет отсто и тие одат на пет отсто, тоа е голем скок од два отсто, иако многумина сè уште не плаќаат ни два отсто. Така што мислам дека тоа ќе биде многу голема вест – истакна Трамп.