Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша нападот во Суми во североисточна Украина, во кој загинаа 34 лица, а 117 беа повредени, како „ужасен“, но не ја обвини директно Русија.
„Мислам дека тоа е страшно. И ми кажаа дека грешат. Но, мислам дека тоа е страшна работа“, изјави синоќа американскиот претседател за новинарите.
Запрашан за таа „грешка“, Трамп одговори дека направиле грешка, без да прецизира на кого се однесува.
„Грешија. Ќе мора да ги прашате“, рече Трамп.
Претходно, Советот за национална безбедност на САД оцени дека бомбардирањето на Суми ја истакна потребата од преговори за ставање крај на војната.
„Ракетниот напад врз Суми е јасен и остар потсетник зошто напорите на претседателот Доналд Трамп да се обиде да стави крај на оваа ужасна војна дојдоа во клучен момент“, рече портпаролот Брајан Хјуз.
Ниту Трамп, ниту Советот за национална безбедност не ја обвинија Русија за ракетниот напад, што предизвика меѓународен гнев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани Трамп во неделата да ја посети неговата земја и самиот да се увери што направила руската агресија.