Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече нападот на плажата Бонди во Австралија, „страшен“ и „антисемитски“, а притоа го пофали храбриот маж кој го совлада едниот напаѓач.
– Сакам да им изразам почит на сите. На Австралија и на премиерот, на сите со кои имаме одличен однос. Тоа што се случува таму е страшна ситуација – додаде Трамп.
Тој посебно го пофали, како што рече, мошне, мошне храбриот човек кој го нападна едниот напаѓач и спаси многу животи.
– Голема почит за тој човек што го направи тоа – рече Трамп.
Граѓанинот кој за време на пукањето на плажата во Синдеј физички го совлада и го разоружа едниот напаѓач е идентификуван како 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, трговец со овошје од предградието Сатерленд.
Ахмед, татко на две деца, е тешко повреден со два куршума по интервенцијата на полицијата.
– Се наоѓа во болница и не знаеме точно каква му е состојбата. Се надеваме дека сѐ ќе биде добро. Тој е херој, 100 отсто – изјави роднина на Ахмед.
Според првите информации, Ахмед треба да биде опериран. Се наведува дека немал никакво искуство со огнено оружје и во моментот на нападот случајно бил во близина и решил да реагира.
На снимките што кружат на социјалните мрежи се гледа Ахмед, облечен во бела маица, како се крие зад автомобилот на паркингот недалеку од едниот напаѓач. Во моментов на затишјето, тој однеднаш потрчува кон напаѓачот, го зграпчува зад грб околу вратот и по куса борба успева да му ја одземе пушката. Напаѓачот паѓа, а Ахмед го насочува оружјето кон него додека овој почнува да се повлекува кон мостот. На други снимки направени подоцна се гледа како Ахмед седи на земја а минувачи му помагаат поради повредета на ногата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека го предупредил својот австралиски колега, Ентони Албанезе, дека политиките на неговата земја го поттикнуваат антисемитизмот.
Нетанјаху рече дека пукањето е „ладнокрвно убиство“ и дека антисемитизмот „се шири додека лидерите молчат“.
– Мора да ја замените слабоста со акција – рече израелскиот премиер.
Големите градови, вклучувајќи ги Берлин, Лондон, Њујорк и Варшава, ја засилија безбедноста околу настаните за Ханука по нападот врз еврејската заедница на плажата Бонди во Сиднеј, додека Москва, првпат од 1991 година, не ја запали осумкраката менора.
Британскиот крал Чарлс Трети, исто така, го осуди нападот.
„Мојата сопруга (кралицата Камила) и јас сме згрозени и тажни“ од овој „ужасен антисемитски терористички напад врз Евреите“, напиша тој на „Х“.




























