„Утревечер ќе биде голема ноќ. Ќе ги кажам работите такви какви што се!“.
Со овие две реченици американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ таинствено најави дека ќе соопшти нешто важно во вторник пред Конгресот.
КиевПост напиша дека и Трамп објавил дека е единствениот американски претседател кој на Путин не му подарил украинска земја.
Трамп во понеделник ќе се сретне со високи советници, вклучувајќи ги Марко Рубио и Пит Хегсет, за да разгледаат низа опции, вклучително и укинување на помошта одобрена и платена од администрацијата на Бајден, објави „Њујорк Тајмс“.
Средбата ќе следи по јавната расправија меѓу Трамп и Володимир Зеленски, украинскиот претседател, во Овалната соба в петок.
Асошиејтед Прес пишува дека „Трамп има намера да ја преобликува федералната влада без да мора да се консултира со законодавната гранка, што е отстапување од неговите претходни обраќања до Конгресот, кога тој конкретно побара од пратениците да го поддржат во многу од акциите што сега ги презема еднострано“.
Говорот на Трамп ќе се одржи во вторник во 21 часот во Капитол во Вашингтон, нешто повеќе од еден месец по неговата инаугурација под куполата на зградата и повеќе од четири години од 6 јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи го нападнаа Конгресот по поразот на Трамп на претседателските избори од Џо Бајден.