Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска донесе драматична одлука – престижниот Универзитет Харвард ја изгуби лиценцата за прием на странски студенти. Одлуката веднаш стапи на сила, соопшти американската министерка за внатрешна безбедност, Кристи Ноем.
– Со стапување во сила веднаш, сертификацијата за Програмата за студенти и посетители на размена (SEVIS) на Универзитетот Харвард е одземена – наведува Ноем во писмо испратено до раководството на институцијата, која е дел од елитната Ајви лига.
„SEVIS“ е главниот систем преку кој странски студенти добиваат дозвола да студираат во САД. Одлуката се толкува како дел од ескалирачката политичка пресметка помеѓу Трамп и либералните академски кругови.