Демократите во САД би имале значителна корист доколку Канада стане 51. држава на САД, која би служела како „втора Калифорнија“, анализира бриселски Политико, пишувајќи дека скоршените изјави на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека Канада треба да влезе во составот на САД не треба да се земаат сериозно.
Според Политико, новата „сина“ држава на демократите би имала десетици места во Претставничкиот дом и ќе создаде огромна предност на демократите во Изборниот колеџ.
„Канада би била цврсто сина, и ние не зборуваме само за температурата: неформално истражување на нашите колеги од Големиот бел север, открија дека се уверени дека нивните сонародници ќе гласаат за демократите, а хипотетичката предизборна анкета покажа дека Канаѓаните во огромно мнозинство се на страната на Камала Харис пред Трамп“.
Политико пишува дека „со обезбедување на Канада, демократите ќе треба да освојат само две држави од бојното поле на претседателските избори во 2028 година“.
Анализата продолжува со бројките за Сенатот и Претставничкиот дом, каде што, според Политико би имало повеќе претставници на Демократите.
Канада во составот на САД би можела да му ги помати сметките на Трамп за следните избори бидејќи би се променил соодносот на силите во Изборниот колеџ, продолжува анализата.
„Но, 2028 година сигурно ќе биде интересна – особено кога Гренланд ќе стане 52-та држава“, пишува Политико за неодамнешните најави на Трамп дека сака да ги припои Гренланд и Панамскиот канал како територии од стратешко значење за САД.