Трагедијата во Кочани ни ги отвори очите или нѐ исплашија инспекциите?

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Компаниите кои продаваат сервисираат противпожарни апарати и подготвуваат планови за заштита и спасување го зголемија обемот на работа по трагичниот пожар во Кочани. Граѓаните кои живеат во постари згради и немаат управител на објектот, но и компании што поради стравот од тоа што би можело да им се случи, ако избувне пожар во зградите или поради засилените инспекции, во овој период купуваат противпожарни апарати и засилено ги поправаат хидрантите.

Соодветно на интересот на овие апарати порасна и нивната цена, иако компаниите кои ги нудат велат дека производителите ги зголемиле цените.

– По трагедијата во Кочани, видно е зголемена побарувачка на ПП апарати и хидранти и делови за хидрантска мрежа од зградите и компаниите. Компаниите кои поседуваат вакви апарати сега почесто бараат контрола и сервисирање на апаратите, а што се однесува до цените тие се малку повисоки, но не затоа што ние сакаме повеќе да наплаќаме, туку и производителите ги зголемија цените на апаратите и деловите – вели сопственик на компанија која продава и сервисира ПП апарати, но не сака да се експонира во јавноста.

Тој предупредува дека граѓаните и компаниите главно се водат од цената, а не размислуваат за квалитетот на апаратот кој го купуваат.

– Повеќето мислат дека треба само да имаат ПП апарат за пред инспекциите, колку да ги имаат, но треба да размислуваат за последиците кои би се случиле при гаснење на пожар, ако откаже апаратот за кој мислат дека е добар. Цената на помалку квалитетните и квалитетните апарати не се разликува многу, но ефектот е голем во случај на пожар. Би ги советувал граѓаните да бараат сертификат за секој апарат, затоа што поквалитетните производители гарантираат за тоа што содржи апаратот и за неговите делови, додека другите само посочуваат основни генералии за апаратот – вели тој.

На пазарот има голема понуда на ПП апарати. Ги има од производители од Кина, Турција, Грција, Хрватска и Србија, но квалитетот и цените се различни. Зависно од тежината цената на одделни ПП апарати се движи од 900 за 1 килограм тежина до 4.000 денари за ПП апарат со тежина од 9 килограми.

– Според досегашното искуство производите увезени од Хрватска, Грција и Србија се од проверени и долгогодишни докажани производители кои нудат сертификати, па е добро да се земат од овие производи, бидејќи другите производители се покажаа со послаб квалитет – вели нашиот соговорник.

Сопствениците на дел од компаниите кои ги консултиравме велат дека е добро зградите да имаат и елаборат и план за пожари за да знаат каде каков апарат да постават, ако не се во можност да ги поправат хидрантите.

– Зависно од зградата и бројот на станови добро е да бидат поставени по најмалку 2 ПП апарати на кат, а на местата каде што е струјата или моторот за лифтот еден апарат кој гаси пожар од струја. На катовите е добро да се постават ПП апарати од типот Ѕ2. Овој апарат има сув прав и азот и е доволен за површина д 45 квадрати, но за местата каде што може да избие пожар од струја треба да се постават СО2 апарати – велат од компаниите.

Нашиот соговорник вели дека е најдобро компанијата која ви го продала ПП апаратот и да го контролира и сервисира, бидејќи секоја од нив знае што продава.

- Advertisement -
Ad image

– Сигурно компаниите не можат да инсистираат и да ги сервисираат апаратите, но е пожелно тоа да го прават тие што го продаваат апаратот. За она што на пример јас сум го продал, контролирал или сервисирал и полнел можам да гарантирам за квалитет. За другите не можам да дадам гаранција. Во практиката се среќаваме со најразлични случаи-вели тој.

Законодавецот предвидел еднаш годишно да се изврши контрола на ПП апаратите која предвидува проверка на целиот апарат, неговите делови и содржината на полнењето. Доколку апаратот бил искористен задолжително е негово полнење или замена.

Од големината на објектот зависи и колку ПП апарати ќе бидат поставени, а од бројноста на вработените и сменското работење е утврдено колку вработени треба да бидат обучени да ги користат апаратите. Пожелно е да има најмалку по еден обучен работник на смена.

- Advertisement -
Ad image

На последниот повик на општинските инспекторски служби да достават информација за состојбата на противпожарната опрема, управителите на станбените објекти одговориле дека во најголемиот дел од зградите се украдени противпожарните црева, хидрантите се неисправни, а излезите за евакуација биле блокирани или заградени.

Share This Article