Македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и грчкиот министер за внатрешни работи Тодорос Ливаниос денеска во Преспес, Грција ќе го одбележат почнувањето на работите финансирани од ЕУ во Грција, за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога – Лемос.
Градежните работи на македонска страна за изградба на нова царинска зграда на граничниот премин Маркова Нога почнаа пролетоска и се очекува да завршат во 2026 година, за што од програмата ЕУ за Преспа се издвоени 2 милиони евра.
Работите финансирани од ЕУ во Грција ќе се одвиваат преку проектот „БорПрес2“ за прекугранична соработка од стратешко значење. Со проектот ќе се опфати изградба на нова царинска и полициска контролна зграда во Лемос, Грција, како и реновирање на постојната полициска станица во Маркова Нога. За оваа намена се издвоени 7,7 милиони евра во рамките на програмата ИНТЕРРЕГ финансирана од ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција, а временскиот рок за работите е 36 месеци.
Двојното финансирање од ЕУ за граничниот премин Маркова Нога – Лемос има цел да го стимулира економскиот развој на регионот Преспа/Преспес. На настанот во Лемос ќе присуствува и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас.