Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска од Струга порача дека МВР веќе презема мерки за обезбедување мирен и безбеден изборен процес во пресрет на претстојните локални избори.
Тој ја посети Полициската станица за гранични проверки Ќафасан и Одделението за внатрешни работи во Струга, каде што одржа работни средби со раководствата на СВР Охрид и ОВР Струга.
Според информациите од МВР, Тошковски бил запознаен со актуелната безбедносна состојба во регионот, при што биле посочени забележителни резултати во борбата против насилниот криминал, како и напредок во сообраќајната безбедност. Тој истакна дека оваа област и понатаму ќе остане приоритет, а ќе се вложуваат и дополнителни напори за унапредување на состојбите.
Посебно внимание министерот посвети на состојбата на граничниот премин Ќафасан, каде што ова лето е евидентирано зголемување на бројот на патници во споредба со истиот период минатата година.
– Во соработка со албанските колеги работиме на имплементација на системот ‘One Stop’, кој заедно со одредени инфраструктурни прилагодувања ќе овозможи трајно решение за намалување на гужвите и побрз проток на патници и возила во туристичката сезона – изјави Тошковски.