Тошковски фрапиран од злоупотребите на ексдиректорот на „Шутка“ и група затворски полицајци

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Фрапантна е состојбата, во затворот се правеле „туристички услуги“, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, коментирајќи дека полицијата денеска изврши 2 претреси на 2 локации, во домовите на службени лица во затворот „Скопје“, поради постоење на основни сомненија дека сториле повеќе кривични дела, заедно со други вработени во затворот.

– Фрапантна фактичка состојба, од аспект на информациите со коишто располагаме. Менаџерот на затворот и други лица, вработени, затворот го доживувале како трговец поединец, здружение или приватно правно лице коешто се занимава со туристички услуги. Тие незаконито им овозможувале на осудени лица, за коишто постои висок безбедносен ризик, да користат привилегии што не им следуваат по закон. Просто објаснето, 8 до 10 часа им овозможувале, спротивно на закон, според индициите, да бидат спроведувани од страна на затворската полиција до одредени локации, како нивен дом или трети локации каде што истите уживале привилегии, а притоа биле чувани од страна на затворската полиција и не во рамки на она што е дозволено со закон, туку за приватни потреби. Какви се тие приватни потреби ќе утврдиме дополнително – рече министерот Тошковски во гостување на Канал 5.

Тој додаде дека овие раководни лица го претвориле затворот во „хотел промаја“ бидејќи дозволувале користење на незаконски привилегии .

– Буквално како трговско-угостителско друштво, затворските полицајци коишто се платени од граѓаните, ги пренесуваат од затвор до одредена локација, ги чуваат 8 до 10 часа на таа локација, па пак со службено гориво и возила, на трошок на македонските граѓани, ги враќаат во затворот. Тоа едниот дел од незаконитите дејствија кои се вршени. Со истрагата во моментот се опфатени 10 лица, со што тоа е само еден дел од незаконитостите коишто се опфатени. Денеска извршени се претреси во домовите на 2 лица, при што тие се лишени од слобода и ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка – рече Тошковски.

Полицијата денеска соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција против 10 лица и тоа: Ф.А. (42) за сторени кривични дела Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода, Злоупотреба на службена положба и овластување и Овозможување бегство на лице лишено од слобода, С.К. (53), П.А. (40), Ѓ.Р. (34), С.П. (48), Т.Н. (37), Е.О. (46), З.М. (35), К.В. (34) за сторени кривични дела Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода и Злоупотреба на службена положба и овластување, како и против С.К. (33) за сторено кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода.

„Пријавениот Ф.А., во својство на директор на КПУ Затвор Скопје, во период од март 2024 до 24.07.2024 со намера на противзаконит начин, привремено да ослободи осудени лица кои издржувале затворски казни во КПУ Затвор Скопје, злоупотребувајќи ја својата службена положба дозволил и наредил повеќе осудени лица од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности кои не им следувале согласно судските одлуки, односно истиот одобрил молби поднесени од осудените лица повремено да го напуштат затворот. Потоа пријавениот П.А. од позиција на командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на законот и на процедурите за спровод, по добиената наредба од директорот Ф.А., изготвил наредба за спровод на осудените лица до нивните домови и други локации за приватни потреби, по што така изготвени биле одобрени од страна на директорот Ф.А., а во неколку наврати биле одобрувани и од страна на С.К., вработен како затворски полицаец во КПУ Затвор Скопје, личен возач на Ф.А.. Потоа пријавениот П.А. одобрените наредби ги предавал на пријавените затворски полицајци Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О., З.М. и К.В. со цел извршување на незаконскиот спровод на осудените лица, иако истите знаеле дека таков спровод на осудено лице до домашна адреса врз основа на молба е спротивно на закон и процедурите. Тие сепак го извршиле спроводот, каде што ги ослободувале осудените лица да извршуваат приватни работи, а потоа откако ќе поминел одреден временски период (најчесто 8 до 10 часови) пријавените затворски полицајци ги враќале осудените лица назад во затворот“, соопшти полицијата.

Кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување пријавените затворски полицајци го сториле така што за ваквите незаконски спроводи биле користени службени возила на установата, за што било потрошено службено гориво, а притоа на дел од пријавените затворски полицајци директорот Ф.А. им одобрувал прекувремени работни часови (вкупно 44 часа исплатена прекувремена работа). Со тоа е предизвикана штета на буџетот на Македонија, а воедно и мала имотна корист за Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О. и З.М., додава полицијата.

Share This Article