Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска најави дека на 5 јули се очекува официјално да биде пуштен во употреба системот „уан стоп шоп“ со Србија. Вчера помина завршната ратификација на договорот и во тек е фазата на тестирање на системот.
– Во рамки на вчерашниот ден помина завршната ратификација на договорот којшто претходно го потпишавме со мојот колега Ивица Дачиќ. Се надевам дека на 5-ти наредниот месец, ќе имаме официјално пуштање во функција на „уан стоп шоп“ систем со Србија, каде што со негова правилна употреба ќе дојдеме до многу побрз трансфер на граѓани и на таа граница. Ова е моментално најфрекфентниот граничен премин и ќе има олеснување од аспект на брзина на проток на луѓе – рече Тошковски за време на посетата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, одговорајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека ќе имплементираат систем каков што доликува во вистинската смисла на зборот. Системот „уан стоп шоп“ е веќе пуштен во функција со Косово.
– Едноставно кажано, ние го штитиме нашиот влез, а полициски службеници од Србија ќе го штитат влезот во Србија, со тоа што ќе ги разменуваме информациите многу брзо. Драго ми е што со мојот колега за внатрешни работи од Косово го пуштивме во функција „уан стоп шоп“ навистина како што треба да функционира на двата гранични премини кои што ги имаме со Косово – рече Тошковски.
Според Тошковски, се покажа дека ваквиот пристап кон решавање на проблемите за граѓаните е функционален, односно гужвите на граница коишто ги имало до пред месец дена, во Косово, веќе ги нема. Како што рече, многу побргу оди трансферот на нашите граѓани.
– Секој од државите си го штити својот влез. Притоа воспоставивме една комуникација преку дигитални алатки, којашто е навистина на високо ниво, со што го намаливме времето потребно за проверки и системот функционира така како што очекувавме. Успеавме да имплементираме современ граничен пристап и гранична контрола – додаде министерот.
Тој најави дека следната држава со која ќе воведеме „уан стоп шоп“ е Република Албанија.
– Интензивно работиме и со полициските службеници од Албанија, на два гранични премини кои ги имаме со Албанија и се планира да се имплементира ваков паметен систем, со тоа што се надевам дека до крајот на летниот период ќе почнеме со тест фаза. Овде ќе зависи многу и формалното усвојување на акти во рамки на македонското Собрание и албанското Собрание и се надевам дека најбрзо што може би го ставиле во функција и со Албанија. Со ова би ги заокружиле трите наши соседи кои не се дел од ЕУ, со ваков еден ваков паметен и побрз систем со контрола на нашите граници – рече Тошковски.