Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски предлага ревизија на челнот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење и построги казни за истото дело меѓу кои и одземање на возилото или кумулативна казна затвор наместо алтернативна парична казна.
Говорејќи на јавната расправа за потребите од законски измени за безбедност во сообраќајот министерот предложи:
– Сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постоечките одредби кои регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекува парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казна затвор. Мора да се предвиди и инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, затоа што бројките се страшни – во 2022 година биле констатирани 16.359 прекршоци за управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19.885, а во 2024 година 19.000 прекрошци. Исто така размислуваме и за воведување на задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење – подвлече Тошковски.
Во текот на анализите и изработката на промените на законите во делот на сообраќајот, биле воочени вели тој и проблеми и со спротивности помеѓу законите кои ја регулираат оваа материја.
– Еден пример е кај забраната за управување со моторно возило. Законот за прекрошци вели дека забраната почнува да тече од денот на евидентирање на истата во возачката дозвола, додека во законот за извршување на санкции стои дека забраната почнува да тече од денот на внесување на истата во досието на возачот. Друг проблем во овој контекст е што некогаш судовите писмено го известуваат МВР за изречена забрана дури после 3-4 месеци. Затоа, работиме на измени кои ќе го поедностават и забрзаат овој процес и ќе предвидат внесување на забраните во системот преку електронска комуникација на судовите и МВР, се со цел да нема простор за манипулација и ненавремено внесување на забраната – вели Тошковски.
Се работи, наведе тој и на проширување на можностите на системот “Безбеден град“ во делот на автоматско санкционирање на нерегистрирани возила. Во подготвителна фаза се на набавка и на тестови за дрога, нешто што досега никогаш не било имплементирано, а според анализите, возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол.
– Нашата одговорност не завршува со оваа расправа. Ова не смее да биде уште еден случај што ќе предизвика бурни реакции, а потоа ќе биде заборавен. Одлуките што ќе ги донесеме сега ќе бидат пресудни за тоа дали ќе изградиме општество во кое владее ред и закон или ќе продолжиме да живееме во средина каде што беззаконието и неказнивоста стануваат норма. Имаме можност што не смееме да ја пропуштиме, можност да направиме вистинска промена – промена што ќе спаси животи, што ќе донесе правда и што ќе обезбеди систем што ќе функционира за сите граѓани, подеднакво – порача Тошковски.
Министерот истакна и дека „еден од проблемите во сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Овој систем на компромиси и полуправда мора да биде разбиен и да се воведе систем на ефективна контрола и стоги санкции, особено за рецидивистите“.
– Името на Фросина Кулакова стана симбол на неправдата која трае предолго, на системот што дозволува неодговорноста да остане неказнива и на итната потреба за промени што не смееме повеќе да ги одложуваме. Нејзиниот случај нè потсетува и на една горчлива вистина дека во текот на 2024 година изгубивме 142 животи во сообраќајни несреќи – истакна Тошковски на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Тој потсетува дека „пжоследните три години бројката на загинати во сообраќајни незгоди е нешто помалку од 400, тоа не се само бројки и секој од тие загубени животи е трагедија бидејќи нивната загуба е подеднакво болна и нивната правда е подеднакво важна“.
Министерот смета дека е потребна вмреженост на институциите за да се спречат ваквите случаи во иднина.
– За тоа е потребна институционална вмреженост која овозможува навремена и ефикасна размена на податоци. Токму затоа како Влада работиме на итна дигитализација и интероперабилност на системите за сите податоци да бидат автоматски достапни на инстуциите за да неможе никој да избега од одговорност. Ова не е само административна промена туку суштинска реформа што ќе донесе вистинска ефикасност и транспарентност на системот. Но, ако сакаме вистина ефикасност треба да погледнеме и во себе. Да се запрашаме колкумина од нас седнуваат зад волан после испиени неколку чашки алкохол. Колкумина возат побрзо од дозволеното, колкумина даваат на гас кога ќе светне жоплто светло на семафорот наместо да кочат, колку татковци гордо се фалат дека нивните синови научиле да возат автомобил пред да положат возачки изпит, колкумина од нас кога ќе направт прекршок прво бараат пријател кој ќе им ја скине казната – вели министерот.
Тој подвлече дека проблемот не е само со неказнивоста не е само во законите, туку, вели, што сè уште заедно дозволуваме да нема систем, а законот мора да важи еднакво за сите. Фокусот не смее да биде само на законите, на заострување на казните туку во градење на систем кој како што рече, ќе овозможи конкретно елимирање на неказнивоста.
Тошковски вели дека превенција е важна, но дека е подеднакво важно да имаме ефикасен систем за евиденција на рецидивистите со строги санкции што навистина ќе се спроведуваат, за да не се дозволи повторување на исти опасни поведенија.
Тој нагласи дека е потребно да се обезбеди дека санкциите се спроведуват доследно и континуирано, а не само периодично при засилени акции на МВР кога е зголемен фокусот на јавноста, што може да се постигне со дигитализација и автоматизација.
– За таа цел веќе неколку месеци работиме на целосно и ефикасно имплементирање на системот Безбеден град, кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци преку целосно дигитализирање на процесот при тоа комплетно елиминирајќи го човечкиот фактор и можноста за злоупотреби. Исто така, испланиравме средства за поставување на камери и во другите градови низ државата така што овој систем од „Безбеден град“ ќе прерасне во „Безбедна држава“ – нагласи министерот Тошковски.
Иницијативата за јавната расправа следува по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишна девојка од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на бул. „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Според најавите, јавната расправа се очекува да трае околу два часа, а на неа се поканети претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, судии, јавни обвинители, невладини организации, медиуми и останати општествени чинители.
Тошковски додаде дека го разбира гневот на јавноста кој не е само поради една трагедија туку поради системот кој остава простор за неказнивост, селективна правда и луѓе кои повекекратно кршат закони без последици.
– Ова не проблем на еден човек, институција или Влада, ова е проблем на целото оппштество и затоа мораме конечно да работиме на решенија што ќе овозможат вистински промени. Културата на протекционизам на неказнивост создава социопатолошки поведенија особено кај младите. Кога системот испраќа порака дека правилата не важат за сите тогаш добиваме генерации кои веруваат дека можат да прават што сакаат без последици. Но тоа мора да престане, законите не семеат да бидат само мртво слово на хартија, мора да бидат имплементирани и доследно почитувани – нагласи Тошковски.