Памела Андерсон и нејзиниот колега Лиам Нисон неодамна присуствуваа на премиерата на нивниот нов филм „Гол пиштол“. Двајцата изгледаа одлично заедно, но токму моментите на нежност меѓу нив ги поттикнаа гласините за романса. Во текот на изминатите месеци, шпекулациите за врска меѓу Андерсон и Нисон постојано беа тема на насловните страници. Сепак, двојката сè уште не потврдила ништо – иако нивното однесување зборува доволно, објави ВИОН.
Памела Андерсон го бакнува Лиам Нисон
Наводната двојка се појави на премиерата на „Гол пиштол“ во Лондон, продолжение од истоимената култна франшиза. Настанот уследи по признанието на Нисон дека е „лудо вљубен“ во неа. Тие изгледаа заљубено, додека ѕвездата на „Грабната“ (Taken) ја држеше Памела до себе. Таа, пак, го бакна на образ, додека двајцата позираа и се насмевнуваа.
За премиерата, ѕвездата на „Чувари на плажа“ (Baywatch) блескаше во темно виолетов фустан без прерамки од Родарте. Косата ѝ беше во кадрици, а шминката свежа и сјајна. Својот изглед го надополни со минималистички накит – белегзија и обетки.
Нисон, пак, се појави во сив костум со црна кошула. Ирскиот актер изгледаше одлично.
„Лудо сум вљубен во Памела Андерсон“
Во октомври 2024 година, Нисон направи смело признание за својата колешка. Во интервју за „Пипл“, актерот изјави дека е лудо вљубен во неа.
– Памела е фантастична за соработка. И пред сè, лудо сум вљубен во неа. Не можам доволно да ја пофалам, искрено. Нема големо его. Само доаѓа да си ја заврши работата. Забавна е и многу лесна за работа. Ќе биде одлична во филмот – рече тој.
Од смртта на неговата сопруга во 2009 година, Лиам Нисон не бил поврзуван со ниедна сериозна љубовна врска, ниту, пак, бил фотографиран во јавност со партнерка. Актерот досега водеше дискретен и приватен личен живот, далеку од светлата на љубовните скандали и од таблоидите.
Затоа и јавноста е изненадена од неговата отворена блискост со Памела Андерсон. Нивната хемија на црвениот тепих ја разбуди љубопитноста на обожавателите.
Дали сепак се само пријатели?
Иако Лиам Нисон и Памела Андерсон зачестија со заеднички јавни појавувања и гестикулации што личат на романса, извор близок до актерот тврди дека меѓу нив нема ништо повеќе од длабоко пријателство.
– Лиам одамна решил дека нема да започнува нова љубовна врска. Тој чувствува голема наклонетост кон Памела, но исклучиво како пријател. Тие делат исклучително топло и искрено пријателство кое, според него, ќе трае засекогаш – вели изворот.
Сепак, обожавателите не престануваат да веруваат дека меѓу нив се раѓа нешто посебно. И двајцата поминале низ тежок животен период, па фановите сметаат дека токму затоа се совршен пар кој конечно заслужува среќа.
Памела Андерсон долго беше во центарот на вниманието поради бурниот брак со Томи Ли, проследен со протекување на нивната интимна снимка, што сериозно ги наруши нејзината репутација и ментално здравје. Подоцна, Томи беше и уапсен поради семејно насилство.
Андерсон и Ли имаат 2 сина, но грижата за нив најмногу ја презеде Памела.
И Лиам Нисон е татко на 2 деца, кои ги доби со сопругата Наташа Ричардсон, трагично загината во скијачка несреќа во 2009 година. Оттогаш, Нисон целосно се посвети на родителството.
И двајцата важат за личности што ги ставиле децата на прво место, па нивната слична животна судбина само ја зголемува симпатијата на публиката, која со нетрпение очекува официјална потврда дека се повеќе од пријатели.