Кривичниот совет при Основниот суд Прилеп ги отфрли жалбите и им го потврди притворот до 30 дена на шесте осомничени за случајот со прилепската болница. Осомничените, четворица од болницата и двајца надворешни, остануваат во притвор во Битола и во Шутка.
Бранителот на еден од осомничените, адвокатот Жаре Стеваноски нагласи дека со жалбата ги побиле сите наводи на Обвинителството. Тој смета дека нема основа за притвор, зашто сите цела година во предистражната постапка биле достапни и соработувале со Јавното обвинителство и со Управата за финансика полиција.
Прилепското обвинителство спроведува истрага за вкупно 32 лица, од кои 7 правни лица, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреби при јавни набавки, злоупотреба на службената положба и фалсификување и уништување деловни книги, а со делата е оштетен буџетот на болницата за околу 700.000 евра.
Против 19 лица има мерка за претпазливост, а за 7 фирми од повеќе градови е одредена забрана при постапки за јавни набавки.
Долговите на прилепската општа болница „Борка Талески“ е преполовен и болницата е ликвидна, информира раководството.
– Долгот што го наследивме како ново раководство беше 193 милиона денари. Сега е преполовен, имаме обврски од околу 100 милиона денари, но болницата е ликвидна. Нема никакви проблеми со здравствената услуга за сите пациенти. Постепено настојуваме кадровски да се екипираме со специјалисти во сите одделенија – вели директорот Кире Јоноски.



























