На денешниот Велики петок, додека православните верници се потсетуваат на Христовите маки, еден друг вид страдање поминува незабележано – она на даночните обврзници и законитоста во Охрид. „ФЕСТИВАЛ НА ВОДЕНИ СПОРТОВИ Охрид” и „ОХРИД ТрЧаТ” повторно се распнати на крстот на институционалната тишина, додека нивниот главен архитект, општинскиот раководен страдалник Јоне Станкоски, и неговата верна дружина, продолжуваат својот победоносен марш низ недопирливоста.
Воистина величествен е молкот на УЈП, Финансиската полиција и МВР! Толку длабок, толку постојан, што би можел да го надглуши дури и плискањето на охридските бранови. Додека обичните граѓани за една заборавена фискална сметка се соочуваат со ригорозни казни, фестивалите на Станкоски очигледно се крстени во посебните води на институционалниот имунитет.
Можеби клучот за оваа мистерија лежи во раскошната спортска опрема што краси одредени полициски домови? „Спортувај бесплатно, истражувај слепо” – новото неизречено мото на одредени службеници? Или можеби сме сведоци на ново поглавје во охридската култура – онаа на шепотот „Фала” проследен со намигнување, и возвратеното „Пријатно” придружено со свртување на главата?
На денешниот ден на преиспитување и покајание, додека православниот свет со стравопочит се сеќава на највозвишената жртва, нашите институции продолжуваат да жртвуваат нешто друго – владеењето на правото и еднаквоста пред законот. Но не очајувајте! Можеби по тридневното молчење ќе дојде воскресение на правдата? Или барем на трошка финансиска контрола?
До тогаш, на охридското крајбрежје, водите продолжуваат да шумолат, тркачите продолжуваат да трчаат, а дискретните фискални каси продолжуваат да молчат со благослов на оние чија работа е да ги натераат да пропеат.
Амин, и Фала-Пријатно на сите засегнати!
Сашо Денесовски – Главен и одговорен уредник