Денеска официјално започна седумнаесеттото издание на проектот Лидер, едукативна програма за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од Македонија. Обуката се реализира во организација на Македонија2025, во соработка со престижната бизнис-школа „Ричард Ајви“ од Канада.
Млади професионалци од цела Македонија ќе имаат можност да учествуваат во оваа интензивна двонеделна обука, креирана според МБА програмите на „Ајви“, и прилагодена да одговори на реалните предизвици со кои се соочуваат стартапите, малите и средни претпријатија, но и идните менаџери во корпоративниот сектор.
Програмата вклучува теми од областа на стратегија, маркетинг, финансии, управување со човечки ресурси, развој на производ, подготовка на бизнис план и лидерство. Работата е базирана на студии на случај, симулации и практични вежби, а учесниците ќе добијат и индивидуални менторски сесии од инструкторите од Канада.
– Проектот Лидер е потврда за нашата силна заложба да изградиме генерација млади лидери кои ќе придонесат за економскиот развој и иновациите во Македонија. Веруваме дека вложувањето во знаење, претприемнички дух и лидерски вештини е основа за посилна и поконкурентна нација – изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.
Програмата и оваа година е збогатена со гостински предавања од македонски бизнис-лидери, кои ќе споделат практични искуства и ќе дискутираат за предизвиците и можностите во локалниот и глобалниот бизнис екосистем. На крајот на обуката, учесниците ќе презентираат сопствена бизнис идеја пред комисија составена од претставници на бизнис заедницата.
Македонија2025 е меѓународна, независна, непартиска и непрофитна организација која останува цврсто посветена на својата мисија – да придонесе за создавање просперитетна економска клима во земјата и „посилна нација“, која ќе ги унапреди можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори. Преку поддршка на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и вредносно лидерство, ја промовираме визијата за одржлив економски раст на Македонија.
Tagged as:
Стартуваше проектот „Лидер“ во организација на Македонија 2025
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
