Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека новата влада треба да се формира до 19 или 20 март или ќе се одржат предвремени парламентарни избори.
Тој рече дека до 17 или 18 февруари Собранието треба да ги констатира оставките на Владата и на премиерот Милош Вучевиќ, што, како што рече, значи дека оттогаш ќе почне да тече рокот од 30 дена за формирање нова влада или за распишување избори.
Вучиќ за Радио-телевизија Србија изјави дека тоа значи дека новата влада треба да се формира до 19 или 20 март, а доколку не се формира, „значи дека изборите би се одржале на почетокот на мај“.
– Тоа се единствените две можни опции … тоа е предвидено со Уставот – рече тој, пренесе Бета.
Вучиќ додаде дека смета дека е добро да се обиде да се формира „една добра влада“ бидејќи, како што рече, тоа е „многу важно“ и поради Специјализираната светска изложба EXPO 2027 во Белград.