Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва ќе биде домаќин на Свечената Светосавска академија, организирана од Српскиот културен центар по повод Свети Сава – националниот празник на српската заедница во Република Македонија.
На свеченоста ќе присуствуваат српскиот патријарх Порфириј и македонскиот архиепископ г.г. Стефан. Меѓу гостите ќе бидат и претседателите на парламентите на Црна Гора и Република Српска, како и претставници од српската политичка сцена.
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, истакна дека присуството на патријархот Порфириј и архиепископот Стефан ја нагласува важноста на денешниот настан.
– Оваа година на Светосавската академија ќе присуствува патријархот на Српската православна црква, Порфириј, како гостин на Македонската православна црква. Ова е порака на помирување и соработка која ќе најде позитивен одговор од целата македонска јавност – рече Стоилковиќ.
Претседателката Сиљановска-Давкова со честитка до српската заедница
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка до припадниците на српската заедница, посочувајќи дека Свети Сава е симбол на просветителството и културата.
„Свети Сава е една од најзначајните личности во српската историја, чиј придонес ги надминува националните граници и е почитуван низ целиот православен свет. Празникот е повод за зајакнување на соработката и комуникацијата меѓу народите“, се наведува во честитката.
Мицкоски: Сплотеноста и толеранцијата се наши водилки
Премиерот Христијан Мицкоски, во име на Владата, им го честиташе празникот Свети Сава на сите припадници на српската заедница во Македонија.
„Вашиот придонес во општествениот и јавниот живот покажува дека обединети, преку почитување на различностите, можеме да ја трансформираме Македонија и да обезбедиме посигурна иднина. Затоа, сплотеноста и толеранцијата ќе останат нашите водилки“, порача Мицкоски.
Во честитката се подвлекува дека Свети Сава е национален празник во Македонија од 2007 година и дека одбележувањето на овој ден е уште еден доказ за добрите односи меѓу српската и македонската заедница.