Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека владата е подготвена да упати официјална покана до американското Федерално биро за истраги (ФБИ) и Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) да дојдат и да спроведат истрага за наводната употреба на звучен топ на саботниот протест во Србија, јави МИА од Белград.
– Подготвени сме официјално да упатиме покана, ништо не криеме – изјави Вучевиќ.
Тој го повтори ставот дека ниту еден српски државен орган не употребил звучен топ на протестот во саботата.
Вучевиќ приказната за употребата на звучен топ ја нарече измислена.
– Нема наредба од раководството на полицијата, од претпоставените во командниот синџир, ниту од единиците кои беа на терен, ниту од командниот дел да се спроведе каква било акција против некого – рече премиерот на Србија во оставка.
Тој оцени дека зад сè се крие „продолжението на обоената револуција во Србија“.
Вучевиќ рече дека српската полиција нема што да крие и дека очекува обвинителството се темелно да истражи.
– И кога ќе се утврди дека лажеле, па ќе видите дека лажеле, ќе треба да одговараат тие што ги шират лажните вести. И за тоа нема преговарање – рече тој.
Вучевиќ обвини и одредени лекари „кои учествуваа во протестите“ дека последователно им давале инструкции на граѓаните каква болка треба да пријават.
Дел о опозициските партии и граѓански здруженија побараа и поднесоа кривични пријави со назнака дека на тој протест бил употребен звучен топ.