Српската младина продолжува со протестите против локалните власти, а објавен е и список на забранети изведувачи на нивните блокади.
Студентските протести и блокади во Србија не стивнуваат, а нивната борба сега се прелеа и на музичката сцена. На социјалните мрежи кружи фотографија од една белградска гимназија, на која се гледа список на, како што велат, „режимски пејачи“ чии песни се забранети да се пуштаат на блокадите.
Имињата ги подредиле по азбучен ред, почнувајќи од Аца Лукас, а името на Јелена Карлеуша го истакнале и болдирале. Токму таа најмногу се противи на студентските протести и јавно го поддржува претседателот Александар Вучиќ и неговата политика, која многу млади луѓе во Србија не ја прифаќаат.
– Ги обожавам децата револуционери – коментарот е над листата.
Покрај Карлеуша и Лукас, на листата се најдоа и Ацо Пејовиќ, „Амадеус бенд“, Анѓела Игњатовиќ Бресквица, Светлана Цеца Ражнатовиќ, Дадо Полумента, Гога Секулиќ, Харис Џиновиќ, Лепа Лукиќ, Марија Шерифовиќ, Милица Павловиќ, Мирослав Илиќ, Милица Тодоровиќ, Жељко Јоксимовиќ, Жељко Самарџиќ, Сара Јо, Неда Украден и многу други.
Протестите во Србија започнаа по трагичната несреќа што се случи на 1 ноември минатата година на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад, кога се урна настрешница, при што загинаа 15 млади лица, а двајца беа тешко повредени.
Трагедијата длабоко ја потресе српската јавност, а многумина ја обвинија владата и изведувачите на работите за несреќата, обвинувајќи ги за невнимание и корупција.