Сопствениците и менаџерите на хотелот, заедно со неколку општински функционери, добија доживотни затворски казни за пожарот во Карталкаја во кој загинаа 78 лица, меѓу кои и 34 деца.
По девет месеци судење, Турција конечно ја доби пресудата за еден од најсмртоносните пожари во својата понова историја. Судот во северозападниот дел на земјата денеска изрече единаесет доживотни затворски казни за трагедијата што во јануари го зафати луксузниот хотел „Гранд Картал“ во скијачкиот центар Карталкаја, при што загинаа 78 лица, од кои 34 беа деца.
Трагедијата што ја потресе јавноста се случи на 21 јануари, кога пожар избувнал во кујната на 12-катниот хотел и за неколку минути се проширил низ зградата поради дрвената фасада и слабата противпожарна заштита. Повеќе од 137 лица беа повредени, а јавноста бурно реагираше поради недостатокот на безбедносни стандарди во туристичките објекти.
На доживотен затвор со строг режим се осудени сопственикот на хотелот, Халит Ергјул, неговата сопруга Емине Ергјул, нивните ќерки Елиф Араз и Џејда Хаџибекироглу, кои биле дел од управата, како и главниот менаџер Емир Арас, управителот Зеки Јилмаз, заменик-градоначалникот на Болу Седат Ѓуленер, и уште четворица општински и хотелски службеници.
Покрај доживотните казни, сите осудени добија и дополнителни затворски казни од по 24 години и 11 месеци за секоја од преостанатите жртви, без право на намалување на казната.
Според обвинителството, сопствениците и менаџерите биле свесни за сериозните безбедносни пропусти, но не презеле мерки за нивно отстранување. Дел од осудените беа обвинети за „убиство со веројатна намера“, а други за „свесна небрежност што довела до смрт и повреди“.
Поради големиот број обвинети и медиумскиот интерес, судењето се одржа во специјално адаптирана сала во локално училиште во провинцијата Болу, под строги безбедносни мерки. Објавувањето на пресудата било дочекано со аплауз во судницата, но дел од јавноста смета дека одговорност треба да сносат и државни функционери од Министерството за туризам, кои го дозволиле функционирањето на хотелот и покрај утврдените нерегуларности.
„Оваа пресуда е победа за семејствата на жртвите, но и опомена дека безбедноста мора да биде на прво место“, коментираа турските медиуми по објавувањето на одлуката.
 
							 
								 
			

 


 
                                
                             















 
		 
		 
		 
		







 
		 
		 
		 
		