Комисијата за здравство при Собранието денеска едногласно ги усвои заклучоците и препораките од Надзорната расправа на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“, соопшти пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.
Таа објасни дека сослушувањето на сведоци при надзорната расправа траеше 5 дена. Сослушани се експерти, претставници на Светска банка, здруженија на граѓани и истакнати активисти, лекари, директорите на СЗО и на ИЈЗ, министри, заменици министри, како и одговорните лица и раководителите на надлежните институции што беа задолжени да постапат по заклучоците од јавната расправа на истата тема во 2018 година. На петтиот ден обраќање во надзорната расправа имаше и премиерот Христијан Мицкоски.
– Вкупно учествуваа 42 сведоци, кои го дадоа својот исказ и одговараа на прашањата поставени од членовите на Комисијата, а дополнителни прашања поставуваа и сите други присутни и заинтересирани пратеници – изјави пратеничката Мизрахи.
Комисијата за здравство усвои повеќе заклучоци и препораки, додаде таа и таксативно ги наброја.
– Во борбата против аерозагадувањето мора учествуваат сите чинители, почнувајќи од сите власти, контролните механизми и инспекторати, индустрија, граѓани (домаќинства), научни институции и истражувачи, стручни здруженија, медиуми и различни целни групи на граѓани. Од сведочењата на претставниците на актуелната власт може да се увиди посветеноста и решителноста да се подобри состојбата со аерозагадувањето. Уверена сум дека наредната надзорна расправа на оваа тема ќе биде сосема поинаква и во поинаква атмосфера поради сериозен напредок во битката за чист воздух – рече Мизрахи.
Заклучоци:
Комисијата утврди дека од вкупно усвоени 33 препораки и задолженија од Јавната расправа на тема „Енормно загадување на амбиенталниот воздух во Република Македонија“ одржана во Собранието во 2018 година, властите целосно или делумно спровеле само 6. За 6 години властите имале скромни и недоволни 15% реализација на препораките и задолженијата кои им биле дадени од Собранието.
Согласно исказите од раководните лица од државните институции кои учествуваа во надзорната расправа за состојбите во кои ги затекнале при преземање на функцијата од своите претходници, Комисијата утврди бројни недоследности во спроведувањето на законската регулатива како и негрижа за кадровските решенија, што сериозно ја намалила функционалноста на институциите.
Комисијата утврди потреба од измени и дополнување на законската регулатива и зајакнување на мерките за справување со аерозагадувањето како и на кадровскиот капацитет на институциите релевантни за борбата против аерозагадувањето.
Комисијата заклучи дека во борбата против аерозагадувањето потребна е силна мултинституционална соработка, како и дирекна инволвираност на научната фела, индустријата, медиумите, граѓанскиот сектор и меѓународните организации.
Согласно исказите на сведоците од лекарската фела, директорот на Светската здравствена организација во Македонија како и Институтот за јавно здравје, Комисијата утврди дека долготрајната изложеност на загаден воздух допринесува кон појавата на бројни заболувања, дополнително ја влошува од други причини нарушената здравствена состојба, претставува неспорен фактор кој влијае на бројот на смртни случаи и нанесува огромна финансиска штета врз здравствениот систем во државата.
Комисијата утврди дека за ефикасно справување со аерозагадувањето потребна е државна стратегија со долгорочни мерки со цел трајно подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целата теритирија на државата.
Препораки:
1. Се препорачува Владата, надлежните министерства, општините и Градот Скопје да креираат мерки и решенија кои се базираат на релевантни податоци и мерења од релевантни институции и да се употребуваат научни и технички докажани методи за анализа и намалување на загадувањето.
2. Комисијата препорачува општините и Градот Скопје да изработат планови за управување со квалитет на амбиентален воздух со јасно дефиниран временски распоред за спроведување на мерките опфатени со плановите.
3. Се препорачува Владата, општините и Градот Скопје да креираат мерки за намалување на загадувањето од согорување цврсти горива во домаќинствата. Да им се овозможи и понуди на граѓаните приклучок кон соодветен централен систем за греење или да се субвенционираат почисти системи за греење на домаќинствата и енергетски ефикасна реконструкција на објектите.
4. Комисијата препорачува на Владата, Министерството за локална самоуправа, Министерство за транспорт и врски и Министерството за животна средина да изготват и достават до Собранието измени и дополни на Законот за инспекциски надзор, Законот за комунални дејности и Законот за јавна чистота, со цел зајакнување на системот за контрола на штетните влијанија врз животната средина.
5. Комисијата препорачува на Министерството за животна средина, општините и на Градот Скопје да изготват дополнителни контролни мерки за издадените А и Б Интегрирани дозволи, како и за елаборатите за животна средина.
6. Се препорачува на Министерството за економија да изготви мерки за субвенционирање и поволности за набавка на возила со минимални емисии.
7. Се препорачува на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Државен пазарен инспекторат, Министерството за внатрешни работи и Царинската управа да изготват дополнителни контролни мерки за квалитетот на горивата и содржината на издувните компоненти од транспортот.
8. Комисијата препорачува Министерството за образование и наука до го зголеми финансирањето на научни и стручни истражувања и иновации од областа на намалување на аерозагадувањето.
9. Комисијата препорачува Владата, општините и Градот Скопје да ги заменат системите за загревање на јавните објекти кои продуцираат цврсти честички со системи кои немаат директна емисија на цврсти честички.
10. Се препорачува на Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади да овозможат инсталирање на системи за чист и свеж воздух во објектите во кои престојуваат деца и ранливи категории на граѓани, во општините каде е детектирана зголемена концентрација на цврсти честички.
11. Се препорачува на Министерството за економија да изготви законска регулатива за квалитет на цврсти горива.
12. Комисијата препорачува зајакнување и зголемување на капацитетите на ЈП Национални шуми и надлежните институции за справување со шумските пожари.
13. Се препорачува на Институтот за јавно здравје да спроведува кампањи за свесност по ризикот по здравјето и животот како и препораки за заштита на граѓаните за време на периодите со високо загадување на воздухот.
14. Комисијата препорачува дека е потребно Министерството за животна средина да изготви и достави до Собранието закон за индустриски емисии, во кој ќе интегрира и унапредени методи на мерење на издувната емисија.
15. Се препорачува на Министерството за животна средина да подготви сет на итни краткотрајни мерки за секој град за намалување на емисиите од индустријата и заштита на населението во периоди на зголемена концентрација на цврсти честички.
16. Комисијата препорачува на Државниот инспекторат за животна средина да овозможи јавна евиденција за извшените контроли и преземените мерки за борбата против аерозагадувањето.