Со цел да го зајакне економското и деловното поврзување меѓу Шведска и Македонија, како и да создаде нови можности за соработка меѓу двете земји деновиве започна со работа Шведско-македонската стопанска комора.
Како што соопштија од комората, таа е замислена како мост меѓу бизнис заедниците во двете земји, со јасна мисија да обезбеди инфраструктура за поддршка, промоција и развој на деловните врски.
„Комората активно ќе ги застапува интересите на своето членство пред македонските и шведските владини тела, локалните власти и други административни институции, ќе ги поврзува македонските и шведските компании преку организирање едукативни настани, деловни мисии, средби помеѓу бизниси, претприемачи, но и важни државни службеници. Таа ќе може да изгради доверба и кредибилитет преку своето институционално присуство, овозможувајќи компаниите да добиваат препораки и сертификација што носи тежина пред потенцијалните партнери“, се наведува во соопштението.
Преку својата улога во градење на контакти помеѓу разни бизниси и претприемачи, поддршка на иновации и трансфер на знаење, комората ќе придонесе кон зголемена трговска размена и поширока економска соработка, отворајќи пат и за продлабочување на економските врски со другите скандинавски држави.
Трговската размена меѓу двете земји последните години бележи конзистентен раст.
Според податоците на Опсерваторијата за економска комплексност (OEC World), трговската размена во последните 5 години пораснала со годишна стапка од 16,2%. Државниот завод за статистика дополнително покажува дека извозот на македонски производи во Шведска од јануари до мај оваа година достигнал 33,2 милиони евра, додека во текот на 2024 година вкупниот извоз надминал 46,1 милион евра.
Најголем дел од извозот е концентриран во неколку категории: чоколадо, изолирани жици, машки кошули, обувки, зелка, машини за подигање и производи од кожа.
Повеќе од 40 шведски компании се активни на македонскиот пазар. Тие се распоредени во повеќе индустрии опфаќајќи ги и автоиндустријата, телекомуникациите, медицинската опрема, текстилот, здравствениот, козметиката, но и трговијата.
Од друга страна, повеќе од 50 македонско-поседувани компании работат во Шведска, најчесто во секторите на гастрономијата, продажбата на автомобили, информатичките технологии и недвижностите.
– Овој двонасочен интерес укажува на тоа дека постои здрава основа врз која може да се изгради структурирана рамка за понатамошен развој на економските односи – велат од Комората.
Според проценките од Комората, Македонија поседува значаен економски потенцијал кој е се повеќе препознаен од меѓународните организации и може да предизвика интерес кај шведските компании кои се ориентирани кон иновации, зелени технологии и одржлив развој.
Како предност се наведува и тоа што Македонија нуди повеќе конкурентни предности за инвеститорите, во споредба со регионот и пошироко, меѓу кои и стабилна економска рамка, 100% странска сопственост, 0% даноци и царина, ослободување од комунални такси, индивидуализиран пристап, симболична цена за закуп на земјиште и директна државна помош во износ до 1.000.000 евра.
Од друга страна, македонските компании кои сакаат да навлезат на шведскиот пазар треба да ги следат локалните барања и трендови. Таму фокусот на одржливост или одржлив раст не е само пожелен, туку и императивен. Сертификатите за еколошка усогласеност, ознаките за одржливост и транспарентното потекло на производите се меѓу клучните фактори за стекнување доверба кај потрошувачите. Покрај тоа, силно онлајн присуство и дигитален маркетинг прилагоден на локалните услови е неопходен за успешна промоција на македонските производи.
 
							 
								 
			

 



 
                               















 
		 
		 
		 
		 
		







 
		 
		 
		 
		