Интерпелацијата за досегашната претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути е прва успешна интерпелација во историјата на Собранието, рече денеска пратеникот од Левица, Сашко Јанчев откако Даути поднесе оставка.
Јанчев рече дека како пратеничка група имаат дијаметрално спротивни гледишта и ставови со пратеничката Даути од Европскиот фронт, но го поздравуваат нејзиниот потег и ѝ честитаат, затоа што, како што рече, со ова таа покажала интегритет.
– Самата интерпелација значеше дека се обезбедени гласови за нејзино разрешување од страна на пленумот, но ние намерно не покренавме веднаш постапка преку Комисијата за избори и именување за нејзино разрешување, туку витешки оставивме неколку дена сама да се повлече и да си даде оставка, што на крај се случи. Ова е прва ваква успешна интерпелација од ваков тип во историјата на Собранието на Република Македонија. Левица и понатаму останува на браникот на државните интереси, уставноста и законитоста – рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање што доколку Европскиот фронт повторно ја предложи Илире Даути за претседател на Комисијата, Јанчев нагласи дека не гледа логика после давање оставка повторно таа да бара да биде на таа позиција.
– Не знам која е логиката после давање оставка, некој пак да бара да биде на таа позиција. Пленумот е тој што на крај решава дали некој ќе биде разрешен или не. Ако сака Илире да ја водиме оваа процедура целосно повторно и пак изгласување на недоверба, тогаш ок. Тоа е нејзино. Јас мислам дека таа денес покажа интегритет и дека на такво нешто нема да се нафати – посочи Јанчев.
Тој поенцира дека уште чекаат претседателот на Собранието да им го достави заклучокот од Гаши за изгласаната интепелација за Даути.