Случајот со смртта на тригодишно девојче чие тело беше пронајдено на плажата Едем во Палео Фалиро, Атина, доби драматичен пресврт по новите сознанија и обвиненија против неговата мајка, 32-годишната Алжирка Варда Атруш. Таа е формално обвинета за убиство со умисла на малолетен член на семејството, кривично дело, како и за нанесување опасни телесни повреди во семејни услови на лице кое не може да се брани.
Моментот на откривање
Истрагата започнала сериозно да се развива во петокот наутро, кога мајката, заедно со другите 2 деца, се обидела да побегне од станот во Като Патисија, откако во јавноста се појавиле фотографија од неа и снимка од надзорна камера кај киоск каде што се гледа со трите деца. Полицијата ја уапсила додека излегувала од зградата, со кеса ѓубре во рацете и со двете деца покрај неа. Таа живеела со постар Грк на осми кат, но не е јасно дали тој бил присутен на денот на инцидентот.
Сомнителни снимки и сведоштва
На снимка од сабота, 27 јули, во 21:30 часот, се гледа како Атруш се движи во Палео Фалиро со две деца и со бебе во количка. Детето во количката е целосно непомично, со лице покриено и капа, и покрај тоа што е ноќ. Пет часа подоцна, во 2:00 по полноќ, мајката е снимена со двете постари деца и празна количка, како влегува во такси и заминува.
Таксистот изјавил дека жената и децата биле водени, таа зборувала француски, не изгледала вознемирено, седела меѓу децата и си играла со телефонот, а децата биле преморени и не биле врзани. Тој ја оставил на улицата Лоусиу. Турист што се возел во истото такси пред неа помогнал полицијата да го лоцира возачот преку апликација, објави Ин Сајпрус.
Форензички извештај
Обдукцијата покажа удавување како причина за смртта, со присуство на вода и песок во белите дробови, што укажува на давење на плажа, а не во море. На телото биле пронајдени повреди на чело, лице, очи, нос и усни, како и модринки на телото, кои не се објаснети во нејзините изјави.
Судскиот патолог Димитрис Галендерис изјави дека повредите се нанесени додека детето било живо, но не се доволни да предизвикаат губење свест, како што тврдела мајката. Дополнително, тој посочи дека девојчето имало хронично метаболно нарушување, што може да е потенцијален мотив за делото – обид за „ослободување од одговорност“.
Контрадикторни изјави
Во првата изјава до крајбрежната стража, Атруш тврдела дека девојчето паднало неколкупати во бањата, не можело да стои, и дека го поливала со вода за да го освести, но дека не побарала лекарска помош поради нелегалниот престој во Грција. Во други верзии, кажала дека детето било живо кога го однела на плажа, дека влегла во морето и го пуштила, или дека ѝ се лизнало од раце.
Според нејзините изјави до властите, ова е причината зошто го напуштила детето на плажата во Палео Фалиро: била недокументирана, се плашела дека ќе биде обвинета за смртта на девојчето и мислела дека ќе ѝ ги одземат другите две деца.
Таа тврдела дека минатата сабота девојчето – кое, според форензичкиот извештај, имало метаболно нарушување – било во лоша состојба.
– Повраќаше од утрото и не јадеше како што треба. Падна во бањата и ја удри главата. Потоа стана и пак падна, удирајќи ја страната. Не можеше да стои. Ја поливав со вода за да ја освестам“, наводно изјавила пред крајбрежната стража и полицијата – изјавила мајката, која, иако е 5 години во Грција, вели дека не зборува грчки и дала изјава преку преведувач, пишува Прототема.
Кога ја прашале зошто не го однела девојчето во болница, 32-годишната мајка одговорила дека се плашела да го стори тоа поради својот нелегален статус. Истражителите сега се обидуваат да утврдат дали нејзината верзија е веродостојна или таа се обидува да прикрие нешто друго.
Сето тоа укажува на контрадикции, кои не се совпаѓаат со судско-медицинските наоди.
На снимката од надзорна камера, таа е видена со фустан облечен наопаку, што укажува дека се облекла брзо, можеби поради итен настан. Детето било облечено во костим за капење, за разлика од другите две деца, што може да упатува на обид за прикривање на неговата состојба или предумисла.
Обид за бегство и клучни докази
Два дена по смртта на девојчето, Атруш контактирала со амбасадата на Алжир во Атина, каде тврдела дека има само две деца и побарала информации како да се врати во својата земја. Амбасадата ја упатила кон Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и Програмата за доброволно враќање, преку која доставила пасош и изводи за „двете“ деца, со цел да добие бесплатен билет и 500 евра. Беше закажан состанок, но таа не се појавила бидејќи била уапсена тоа утро.
Полицијата пронашла пластична кеса фрлена во грмушките во близина на нејзиниот дом, во која бил фустанот што го носела на денот на инцидентот, облека од другите деца и билет за трамвај, што се смета за клучен доказ.
Правен статус и претходни инциденти
Според евиденцијата, Атруш за првпат аплицирала за азил во јануари 2020 година, но нејзината апликација била одбиена и на прв и на втор степен. Повторно аплицирала во април 2025 година во Патра, но на 22 јули предметот бил затворен поради „тивко повлекување“. Таа никогаш не добила легален престој и подолго време живеела недокументирана.
Во 2022 година била обвинета за загрозување дете, откако оставила тогаш 2-годишно дете само, кое било пронајдено на влезот од зградата. Тогашниот случај бил затворен по усна наредба од обвинител.
Тековна истрага
Во моментот, двете постари деца се хоспитализирани под надзор на психолози, лекари и социјални работници, а нивните сведоштва може да бидат клучни за понатамошниот тек на истрагата. Иако се мали (4 и 5 години), експертите се обидуваат да извлечат изјави во присуство на стручен кадар.
Соседите изјавиле дека мајката изгледала грижлива, но се држела настрана од заедницата. Еден локален трговец помогнал на полицијата во нејзината идентификација, откако ја препознал на снимка и ја видел како излегува од зградата со кеса и децата.
Случајот сè уште е во истражна фаза, но доказите, контрадикторните изјави и обидот за бегство го ставаат фокусот врз Варда Атруш како клучна фигура во трагедијата. Таа се соочува со сериозни обвиненија и можност за долга затворска казна. Истражителите се надеваат дека вистината за последните часови од животот на девојчето – едно од „невидливите деца“ – наскоро ќе биде целосно разоткриена.