По 155 дена преговори, најдолги во историјата на земјата, Австрија доби нова трипартитна Влада, составена од Австриската народна партија (ОВП), Социјалдемократската партија на Австрија (СПО) и од Неос.
Новата австриска Влада денеска положи заклетва пред претседателот Александар ван дер Белен.
Новата Влада е предводена од канцеларот Кристијан Штокер (лидер на ОВП), вицеканцелар е Андреас Баблер (претседател на СПО), додека, пак, лидерката на Неос, Беате Мајнл-Рајзингер, е министерка за надворешни работи.
Австриската Влада има 21 член, канцелар, вицеканцелар, 12 министри и 7 државни секретари.
Новата Влада најави построги закони за миграција, поповолна даночна политика за просечните граѓани и најави континуитет во надворешната политика и во политиката на ЕУ, што вклучува континуирана поддршка за Украина.