Следуваат пеколно жешки денови со екстремно високи температури во најголем дел од Македонија

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Следуваат пеколно жешки денови со екстремно високи температури во најголем дел од Македонија. Се очекува Владата да прогласи алармантна состојба, опасна по здравјето на луѓето и да го „тестира“ функционирањето на новиот Акциски план за превенирање на последиците од топлинските бранови.

Во Акцискиот план за периодот 2025-2030 што неодамна го донесе Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се предвидени серија препораки, мерки и активности што ќе ги преземат надлежните институции за време на топлинските бранови, меѓу кои Министерството за здравство, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Институтот за медицина на трудот, Управата за хидрометеоролошки работи, министерствата за локална самоуправа, за образование, за транспорт итн.

Внимание, следуваат катастрофално опасни температури

Од Управата за хидрометеоролошки работи за Плусинфо изјавија дека утрово го информирале Министерството за здравство дека следуваат денови со вонредно високи и со максимални температури на воздухот кои одговараат на портокалово и на црвено ниво на опасност, кое во Акцискиот план е опишано како катастрофално ниво.

Фото: УХМР

 

Според прогнозата на УХМР утре температурата на воздухот ќе се искачи до 38 степени Целзиусови, а во Скопје до 37 степени. Од среда ќе се стоплува уште повеќе и се очекува максимална температура од 39 степени, во четврток до 40 степени, во петок до 39 итн.

„Под влијание на многу топла воздушна маса од југ следува период на топло време со пораст на температурите. Особено топло се очекува од среда до петок, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе достигне до 40 степени Целзиусови. Во петок попладне и во вечерните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи, а пад на температурата за неколку степени се очекува за време на викендот, кога ќе дува умерен до засилен северен ветер“, се вели во актуелното предупредување од УХМР.

Штом два дена по ред е потопло од вообичаено, тоа е топлински бран

Според Акцискиот план штом два дена по ред ќе се надминат релативните температурни прагови, државата ќе може да прогласи кризна состојба и да преземе соодветни мерки за заштита на здравјето.

Во планот територијата на Македонија е поделена на 8 региони и за секој од нив се дадени температурни прагови за жолто, портокалово и за црвено ниво на опасност, за летните месеци јуни, јули и август.

Фото: Акциски план за заштита од топлото време 2025-2030

 

- Advertisement -
Ad image

За јуни за Скопје катастрофална температура од црвено ниво е 37 степени, па нагоре, како и за Штип. За Демир Капија и за Гевгелија црвената опасност почнува од 38 степени, за Струмица од 36, за Битола и Прилеп од 35 степени. Но, во градовите каде вообичаено е посвежо, црвениот аларм во јуни се вклучува на пониски од овие температури. За Охрид за јуни за катастрофални се сметаат температури над 32, во Крива Паланка над 34 степени, во Берово над 32. Во планинските региони „катастрофата“ се прогласува и на пониски вредности од 30 степени – за Маврово од 29 степени, а за Лазарополе од 28 степени, па нагоре.

Фото: Акциски план за заштита од топлото време 2025-2030

 

Според Акцискиот план, процедурата за прогласување аларми и за преземање мерки ја почнува УХМР, која треба да му достави официјална информација на Министерството за здравство дека следува топлински бран.

- Advertisement -
Ad image

Во Центарот за управување со кризи се подготвени за претстојната криза

Од Центарот за управување со кризи, кој е клучна алка во спроведувањето на планот велат дека се подготвени за жешкото време.

– Ќе постапиме според Акцискиот план. Според процедурата, Министерството за здравство штом ја добие најавата за топлински бран од УХМР треба да ја извести Владата, која треба да прогласи алармантна состојба и веднаш да почнат да се спроведуваат мерките – велат од ЦУК.

Дел од мерките што се предвидени за црвена фаза со катастрофални температури се за заштита на лицата изложени на топлина на работните места. Според планот, по потреба може да се одложи работниот процес или да се скрати работното време. Владата може да прогласи дополнителни мерки во врска со транспортот и останатите комунални работи. Предвидено се да се интензивира помошта од страна на социјалните служби за најранливите лица со цел да им се обезбеди соодветна грижа. Исто, предвидено е, онаму каде што е можно, најранливите групи да се спроведат во климатизирани простории во институциите.

Скратено работно време или работа од дома

Во врска со работното време предвидени се мерки и за портокаловата фаза, кои ќе се применуваат и во црвената фаза, како, на пример, ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како бремените жени и лицата над 60 години и обезбедување климатизиран јавен превоз.

„Да се земе предвид можноста за потенцијално работење онлајн, за флексибилно работно време, за двократно работење, за надополнување на изгубеното работно време и други модалитети. За вработените во т.н. критична инфраструктура, како здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија, не се препорачува потенцијалната мерка за ослободување од работа. Работодавците да обезбедат услови за работа во согласност со препораките од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението. Температурата во работните и во домашните простории се препорачува да биде 25 степени“, се вели во планот.

Во документот се предвидени низа мерки за заштита на пациентите во здравствените установи и во болниците, како на пример, разладување на просториите, мерење на температурата во болничките соби два пати дневно, обезбедување на доволен број здравствени работници и ротирање на персоналот за да се справат со зголемената потреба од здравствена грижа на пациентите од болести што се предизвикани од топлина, како и земање предвид на температурите при отпуштање на пациентите од болница и обезбедување на достапна поддршка за пациентите во нивните домови.

По потреба и проценка ЦУК може ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба во определен регион.

„Врз основа на заклучоците на Управувачкиот комитет за кризи, Владата на итна седница донесува Одлука за прогласување кризна состојба на загрозеното подрачје и за ангажирање на сите расположливи човечки и материјални ресурси за отстранување на последиците. По донесувањето на одлуката се активира главниот штаб при Центарот за управување со кризи,
кој треба да биде во постојано заседавање“, се вели во Акцискиот план.

Нè очекува пеколно лето, во јули ќе биде полошо

Според сезонската прогноза на УХМР летово се очекува да биде значително потопло и посушно. Постои многу голема веројатност дека температурите во Македонија ќе ги надминат многугодишните просечни вредности. Надминувањето може да достигне и до 3 степени Целзиусови речиси на целата територија. Најголемо позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во јули.

Share This Article