Најмалку 70 сиви китови угинаа од почетокот на годината во плитките лагуни на полуостровот Долна Калифорнија во Мексико, каде што животните се собираат за да се парат и да се породат.
Три сиви китови угинаа во заливот Сан Франциско за време на нивната миграција кон север, при што еден покажува знаци на неухранетост, пишува ЛА Тајмс.
Морскиот биолог Стивен Сварц, кој ги проучува сивите китови од 1977 година, процени дека бројот на мајки во Лагуна Сан Игнасио, каде што повеќето китови се собираат во зима, е најмал досега забележан, бидејќи таму се забележани само пет пара, според извештаите на истражувачите.
Истражувачите не се сигурни зошто китовите умираат, но многумина веруваат дека причината може да биде недостатокот на храна, со оглед на исцрпената состојба во која се пронајдени некои од китовите.
Китовите мигрираат 9.600 километри од Долна Калифорнија до арктичките и субарктичките области, каде што се хранат со мали ракови, пред да се вратат на југ.
Во 2019 година, научниците забележаа голем број мртви китови на плажите и бреговите на Калифорнија, Орегон, Вашингтон и Алјаска, а причината за смртта не беше дефинитивно утврдена.
Истрагата на Националната океанографска и атмосферска администрација (NOAA) сугерираше дека промената на достапноста на храна на Арктикот, заедно со климатските промени, може да биде главен фактор.
Според NOAA, бројот на сиви китови во Тихиот океан е сè уште мал, но научниците не ја отфрлија можноста за нова серија на смртни случаи.
Иако се уште е рано да се носат заклучоци, експертите изразија загриженост за неухранетите китови и малиот број млади.