Бранителот на Боре Видевски, Бојан Манев и бранителот на Љупчо Палевски, Јовица Страшевски бараат или нова истрага или реконструкција на убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Тие се бранители на двајцата од четворицата обвинети кои негираат дека учествувале во грабнувањата и во убиствата.
Манев вели дека реконструкцијата на убиствата е неминовна или предметот да се врати во фаза на истрага, бидејќи во спротивно ќе останат многу работи нерасчистени. Според него, пресудата против обвинетите, каква и да е, е осудена на пропаст.
– Потребата за реконструкција произлегува од самата постапка. Постојат најмалку десетина празнини кои ја налагаат потребата.Најголем проблем е оружјето, снимките од бензиската станица на Лукоил во Велес и од менувачницата во Скопје, неколкуте лица кои се појавуваат во исказите на обвинетите, не се сослушани, а произлегува дека се дел од предметот. Најголемата потреба е поради тоа што во ниту еден исказ на обвинетите не произлезе поврзаноста со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски – изјави Манев.
Што се однесува до ДНК доказите на неговиот клиент Видевски најдени во автомобилот рено кангу, Манев рече дека тие на нешто постојат на нешто не постојат.
– Од Боре Видевски пости ДНК доказ само на чашата во „реното кангу“, но тоа не е доказ за убиство. Потребни се докази за убиство. Видевски го возел кангуто 50 пати. Тогаш што да кажам во тој случај? Во дополнителната доказна постапка ќе барам по неговиот исказ да бидат сослушани луѓето кои на критичниот ден кога е убиен Панче Жежовски биле со Видевски заедно на работа – рече Манев.
На сличен став е и адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски. Според него, нејасно е зошто денеска обвинителките наместо да ги нападнат обвинетите со докази тие само читале наслови.
Рече дека постапката завршила како што почнала, со читање наслови.
– Наместо да ги нападне обвинетите со конкретни прашања и со докази, тие, на луѓе што ги товарат за убиство, им поставуваа прашања како да им помагаат – рече Страшевски.
Додаде дека во истрагата има многу пропусти, како на пример, дека на телефонот на убиениот Панче има ДНК од лице кое не е предмет на истрагата.
– Истрагата има многу пропусти, а малку докази. Тоа го тврдам за Љупчо Палевски. Затоа е најдобро да се направи реконструкција. Од начинот на кој е пронајдено телото, па начинот на кој се копало без да се викнат овластени лица, односно форензика и крим-техника. Чудно е ние како обвинети да бараме дополнително вештачење на чаурата, која е вештачена само за тоа од кој калибар е и од какво оружје може да се испука. Тоа е срамно за предмет со убиство – рече Страшевски.
Прашан дали е беспредметно да се бара вештачење на пронајдената чаура со оглед на фактот што го нема пиштолот со кои се извршени убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, Страшевски рече дека не е беспредметно затоа што секој што има пиштол со дозвола во Македонија има испукано куршуми, а по три куршуми од тие испукувања се чуваат во МВР.
– Од самото испукување и од самото вештачење на таа чаура ќе се утврди од кој тип на оружје е пукано и чие е тоа оружје. Секој удар на иглата остава трага на самата чаура. Со тоа вештачење ќе се расчисти дилемата дали е испукна од спорниот пиштол што се бара или е од пиштол од црн пазар. Но, за жал и после толку време Обвинителството такво нешто нема направено. Не е нормално обвинет за убиство да бара да се вештачи чаура, а Обвинителство и МВР да не ја вештачат – изјави Страшевски.
Во вториот дел од денешното судско рочиште судот донесе неколку процесни решенија по барањата на Палевски и утврди термини за наредни рочишта на кои се очекуваат дополненија на доказната постапка.
Судечкиот судија Ивица Стефановски кажа дека службената белешка од Велес судот ја побарал, но истата сè уште не е доставена.
– Судот прифати да се прибави видеозапис од експозититурата на Халкбанка за ден 27.11.2023 година од 9 до 12 часот. Испратена е наредба до банката за снимката, а банката испрати одговор на 12.3.2025 година – рече Стефановски.
Судот не го прифати барањето да се повикаат како сведоци двајцата вештаци кои ја вештaчеле чаурата, затоа што тоа барање не е доставено на време, согласно Законот за кривината постапка. Судот прифати да се изведе како доказ чаурата пронајдена при убиството на Жежовски.
– Денеска преку архивата е доставен поднесок од адвокатот Јовица Страшевски, со други поднесоци во прилог, како поднесоци до Јавното обвинителство, барања, поднесок во врска со веќе истакнатите барања…Судот има потреба од дополнително време за да ги разгледа овие 6 поднесоци, една наредба и една табела. Има и барање до јавниот обвинител – рече Стефановски.
На следната расправа ќе се доврши доказната постапка и ќе се почне со дополнение на доказната постапка.
Следно рочиште e на 16 мај во 10 часот.