Топ Вести - Слушај сега
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова предупреди дека актуелниот Закон за помилување е нефункционален и треба да се реформира, а истовремено ги охрабри измените на Кривичниот законик, нагласувајќи дека тие се клучни за борбата против корупцијата и криминалот.
– Законот за помилување, како што изгледа сега, поради многу укинати одредби, веќе не личи на логичен законски текст. Секаде во светот постои можност за помилување. Самиот збор покажува дека понекогаш човек треба да се апстрахира од казната и да го вреднува процесот на престој во затворите, да го стимулира излегувањето од тој свет и можноста за поинакво однесување. Треба да има можност за помилување кое ќе опфаќа подолг временски период, а Комисијата за помилување да има обврска да доаѓа во затворите и да разговара со луѓето кои поднеле барања. Исто така, да може за определени датуми да се посетуваат затворите – изјави Сиљановска Давкова при денешната посета на КПУ Идризово.
Таа додаде дека е неопходно да се создаде систем кој ќе дава надеж на затворениците и ќе го стимулира нивниот ангажман за ресоцијализација.
– Мора да им дадеме надеж на овие луѓе дека нивната решеност, нивниот ангажман да станат подобри луѓе, треба да се вреднува и да се награди – рече таа.
Во однос на измените на Кривичниот законик и поострите казни за злоупотреба на службена положба, претседателката порача дека ги охрабрува реформите.
– Ги охрабрувам реформите, бидејќи тоа е многу важна измена во рамките на судските реформи и мислам дека треба да се усвојат час поскоро. Исто така, укажувам и на опасноста или реалното предупредување од Уставниот суд, дека ако ова не се случи до крајот на месецот, тие може да посегнат по други мерки – рече таа.
Таа дополни дека ги охрабрува не само измените на Кривичниот законик, туку и сите закони што се однесуваат на правосудството.
– Ги охрабрувам не само измените на Кривичниот закон, туку и сите закони што се однесуваат на правосудството да се донесат, бидејќи можеби првпат имаме случај еден пакет закони да се најде пред Венецијанската комисија и да го помине строгиот филтер. Во оваа сфера не се работи за хармонизација, бидејќи нема европско право, но таа е клучна за борбата против најголемото зло – корупцијата и криминалот – рече претседателката Сиљановска Давкова.
Tagged as:
Сиљановска Давкова ги охрабрува измените во Кривичниот законик
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
